МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Житија на светители
Свети Свештеномаченик Харалампие
Свети Свештеномаченик Харалампие
Свети Свештеномаченик Харалампие
Свештеномаченик Харалампие

Името на светителот повеќе кажува отколку целокупното негово житие. Имињата не случајно се дадени. Кај најголем дел секое претставува симбол, обележие на личноста, а во исто време соопштува една вистина на вистински христијански живот. Свети Харалампиј не е исклучок. Неговото име значи:"човек озарен од радост".
Која е таа радост со која Свети Харалампиј бил озарен? Тој бил епископ во Магнезија-Тесалија. Римскиот император Септимие Север, прочуен претставник на војничката каста и лут гонител на христијаните, решил да го уништи христијанството со крв и со насилство. Била започната општа хајка против христијаните. Млади и стари биле фрлени во темница, мачени и убивани.
И покрај тоа што било најстрого забрането исповедање и проповедање на христијанството, Свети Харалампиј не

престанал да проповеда, ни за време на претходните гонители, ни за време на царувањето на Септимие Север. Така, во 202 година се нашол во рацете на гонителите и бил изложен на најразновидни измачувања, со цел да го принудат да го напушти Христа и христијанската вера. Тогаш имал 113 години. Бил современик на Свети Јован Богослов, сведок на сите прогонства на Црквата и дочекал да во длабока старост погледа во очи на своите сопствени маки.
Што е мачеништво? Тоа не е само мака. Мачењето на христијанинот е споредна работа. Мачеништво е прилика да се посведочи вредноста која ја содржи евангелската вера; тоа е сведочење на оној главен плод на Христовата благовест-радост од сознанието дека сме Синови Божји и да припаѓаме на Царството Небесно. Со верата се влева во душата божествена радост на победа. Затоа историјата на мачеништвото е пред се историја на победничка радост на маченикот.
Септимиевото гонење на Свети Харалампиј се сфаќа како прилика да посведочи за бесмртноста на вера во Христа. Затоа не се плаши и покрај строгата забрана на власта, да проповеда за верата на која луѓето им ветува вечен живот и вечна радост. Во тоа е потполно мирен и кроток, немало никаква лутина спрема гонителите. Имено тој е спокоен не само во својата вера дека ќе живее вечно, туку и во својата љубов спрема секој човек. На мачилиштето стапил да прими дар од Бога, ослободување од староста телесна и вечна младост на духот.
Светителот сите маки ги поднесувал како да се наоѓа во туѓо тело. На крајот бил жив одран. Овој старец на војниците, кои ја извршувале заповедта на императорот, им се обратил со зборовите:"Ви благодарам, деца, што го истругавте старото тело, вие го обновивте духот мој за нов и вечен живот". Многумина, гледајќи ја издржливоста и силната вера на овој светител, поверувале во Христа и ја примиле верата. Божјата сила се пројавила преку Свети Харалампиј со вршење на повеќе чуда. Откако со Божја сила бил излекуван, јавно ги повикал многубожците да го разберат и да го примат Христа и Неговото учење.
Светителот изгонувал и демони со силата на својата кротка љубов. Демоните не ја трпат љубовта и бегаат од оние кои сакаат, бидејќи мразат. Не ја поднесуваат ни радоста од духовната љубов. Пред завршувањето на земниот живот, неговите последни зборови биле:"Господи, ти знаеш дека луѓето се тело и крв. Прости им ги гревовите и изли ја Твојата благодат на сите луѓе". По оваа молба кон Господа, светиот старец ја предал душата на Господа Христа со која живеел целиот живот, пред џелатот да го спушти мечот на неговиот врат. Тогаш имал 113 години, а тоа се случило на 23/10 февруари 202 година. Потоа бил пристојно погребен, а неговата глава и денес се чува во манастирот Свети архиѓакон Стефан во Тесалија.
Свети Харалампиј се слави во целиот свет. Посебно го слават пчеларите. Светата Православна Црква по светата богослужба, во негова чест, тој ден го благословува медот. Во Прилеп порано за свој патрон го имале казанџискиот еснаф.
Господе Иисусе Христе, Сине Божји, по молитвите на свештеномаченикот Харалампиј помилуј не и спаси не.АМИН!



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved