МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Разурнувања и насилства
со терористички дејства во 2001-ва година
Разурнувања и насилства со терористички дејства во 2001-ва година
Тетовско кале 2001 Фото: Марко Георгиев
Тетовско кале 2001-ва година

Се случи 14 март 2001 година. Албанските терористички банди од Тетовското кале извршија напад со огнено оружје на Тетово, во неговиот западен дел каде што се наоѓаат црквите: "Света Богородица", "Свети Никола", Соборната црква "Свети Кирил и Методиј" и "Свети Димитриј". Со куршуми од тешко стрелачко оружје и минофрлачки гранати терористичките банди оштетија дел од споменатите цркви уште

првиот ден. А потоа, како што се распламтуваше агресивноста во "борбата за човекови права", така се напаѓаа, сквернавеа, уриваа, палеа и минираа цркви и манастири, па дури и такви кои имаат нагласена културно-историска вредност и се под посебна заштита на државата. Таков е случајот со манастирскиот комплекс "Света Богородица" и "Свети Атанасиј" во селото Лешок, каде што црквата "Свети Атанасиј", возобновена во 1924 година врз темелите на разурнатата црква за време на Отоманската империја, на 21.8.2001 година е разурната до темели со минирање. Освен споменатиот Лешочки манастир, запалени се и манастирот "Свети Ѓорѓи" во село Мала Речица и црквата "Свети Никола" во селото Слатина. Осквернавени, оштетени, а некои од нив и опустошени, се црквите и манастирите речиси во целото Тетовско архијерејско намесништво, и тоа: манастирската црква "Света Богородица" во село Џепчиште; црквата "Свети Кузман и Дамјан" во село Једоарце; црквата "Свети Ѓорѓи" во село Отуње; црквата "Света Богородица" во село Сетоле; црквата "Свети Архангел Михаил" и манастирот "Свети Ѓорѓи" во село Непроштено; црквите "Свети Спас и Свети Атанасиј" во село Долно Палчиште; манастирот "Свети Атанасиј"-Балтепе, на Тетовското кале; црквата "Свети Ѓорѓи" во село Лавце со конакот; црквата "Свети Никола" во село Долна Лешница; црквите "Свети Димитриј Солунски", "Света Богородица" и "Света Марена" во село Теарце; манастирската црква "Свети Атанасиј" – стар Лешочки манастир; црквата "Света Петка" во село Варвара; црквата "Света Богородица" и манастирот "Свети Илија" во село Брезно; црквата "Свети Јован Богослов" во село Отушиште; црквите "Света Богородица" и "Свети Спас" во село Јелошник; и црквата "Свети Никола" во село Доброште.
Неопходно е да се нагласи дека штетите и разурнувањата на православните светилишта во Долни Полог воопшто не беа предизвикани како "колатерална штета" при воени дејствија (освен дел од оштетувањата на црквата "Свети Атанасиј" на Балтепе) туку како резултат на дивјачки терористички активности мотивирани од најниски побуди на етничка и верска исклучивост и омраза, значи како очигледни антицивилизациски геноцидни средства за етничко чистење и искоренување на трагите на автохтониото население, а во функција на деструктивната идеја за остварување на големоалбанските цели.
Албанските терористи не ги поштедија ниту свештениците во Тетовското архијерејско намесништво, за што сведочи киднапирањето на свештеникот Перица Бојкоски од Вратничката парохија, кој беше малтретиран на најдрзок начин.
Свештениците од ова намесништво за цело време и во најтешките денови останаа со своите верници во своите парохии. При тоа никој не ја напушти својата парохија и сите редовно богослужеа во неделните и празничните денови. Поучени од примерите на своите претходници кои и во петипол вековното отоманско ропство останаа со својата паства верно чувајќи ја прадедовската вера и денешните свештеници постапија по нивните светли примери. Тие останаа со својот народ на своите татковски огништа каде со векови и милениуми опстојувале и ќе опстојат на овие македонски освештени простори.
За време на чудните воени дејствија со пукотници преку главите на тетовчани, па и за време на мистериозното "примирје" (договорениот прекин на вооружените дејства на затечената линија на запоседнатост на просторот) кога наместо да се повлечат зад линијата на огнот терористичките банди искористија прилика да се инфилтрираат во голем број села и во делови од градот (Мала Речица, дел од Теќе и Дреноец), а го запоседнаа и патот Тетово-Јажинце, беше попречено дури и извршувањето на погребенијата на градските гробишта . За време на еден погреб во Тетово беше пукано дури и во ковчегот на покојникот, случај каков што не се среќава ниту кај најпримитивните народи. Од тие причини свештениците опелата ги извршуваа во домовите и со најмал број на потесното семејство го погребуваа покојникот, изложени на големи ризици и опасности. А погребите на покојниците од селските населени места се извршуваа во градот или во други побезбедни места, како и во градовите низ Македонија каде што беа раселени.
Во текот на месец февруари 2002 година од страна на мешовита комисија (составена од претставници на Намесништвото, Судот, Јавното обвинителство, МВР и ОБСЕ) извршен е увид на состојбата на оштетените светилишта на подрачјето од Тетовското архијерејско намесништво, во услови кога слободното излегување на терен беше се уште ризично од причина што до средината на 2002 година во селата Једоарце, Отуње, Сетоле и другите тетовски потпланински села беше вообичаена појава дивеењето на албанските екстремистички групи. Тоа лично го доживеаја голем број од присилно иселените жители кои меѓувремено дојдоа да ја видат моментната состојба на нивните имоти во родните места. Покрај огромните затечени штети на нивните семејни куќи, жителите од овие села се соочуваа подолго време и со нови, дополнителни штети, па дури и врз претходно санираните објекти.
Во потпланинските села населени со Македонци затекнтата слика од страна на комисијата за увид на оштетените цркви и манастири била, најблаго речено, морничава, без никакви знаци на живот. Малкумината староседелци и луѓето што имаат викендици во овие села веќе со месеци немале услови и пристап да ги посетат своите домови и имоти.
Од претставниците на Тетовското архијерејско намесништво е автентично забележано: "На почетокот на селото Једоарце се забележува сликата на воениот ужас и етничкото чистење на неалбанското население, кое непрекинато трае и по прекинот на вооружените дејства. Речиси сите куќи во селата се запалени, а ниедна не е поштедена од ограбувачкиот поход на терористите. Нема куќа која не е оштетена и ограбена. Прозорите и вратите се искршени, а остатоците од домашниот мебел се расфрлани насекаде низ дворовите и патот. Посетата на селата без придружба на меѓународните претставници од ОБСЕ и НАТО е еднаква на непромислен авантуризам."
Како што геноцидниот терор на албанските терористи после склученото "примирје" (со посредување на меѓународниот фактор) од 3.јули 2001 година само се прошири и ожесточи во секој поглед, па дури и со киднапирање на недолжни граѓани токму во Тетово и Тетовско (и денес не е званично потврдена нивната дефинитивна трагична судбина ), така и насилствата и разурнувањата на македонските домови и православните светилишта не престанаа ниту после потпишувањето на срамно изнудениот "Рамковен договор" од 13. август 2001. година , ниту после 26 септември, забележан како датум кога се расформира т.н. УЧК (на македонските простори од тактичко-политички причини преименувана во ОНА). Имено, најтешките и најсрамните терористички злодела се случија во текот на месец август кога со минирање до темел се разурнати црквата "Свети Атанасиј" во Лешочкиот манастир (на 21.08.01.) и мотелот "Бриони"- село Челопек (на26.08.01), при што во последниот случај во експлозијата се разнесени и телата на двајца работници на мотелот кои што се претходно измачувани и врзани за миниран столб од објектот.
Вршењето на обесчествувања и оштетувања на црквите и манастирите од страна на албанските терористи продолжи како континуиран процес над двеипол години после окончувањето на вооружениот конфликт.
Најилустративен пример за такво безверно и неморално поведение се и повторените оштетувања на црквата "Света Богородица" во село Јелошник на ден 7.4.2003 година, вечерта, токму по одржувањето на црковно-народниот собор посветен на патронниот празник на селото "Свето Благовештение". Притоа се извршени нови оскврнувања и демолирања на црквата "Света Богородица" која и порано повеќепати била оштетувана. Направени се нови оштетувања на ѕидовите, оштетени се преостанатите икони, престолните крстови од кои еден беше фрлен пред влезот на црквата, беа оштетени шанданите, скршени беа рипидите и уште многу други црковни предмети. Инвентарот во просториите е искршен, уништен, искршени се кујнските садови и расфрлани се уништените икони, голем број свеќи и други црковни предмети и сосуди.
Истата вечер се подметнати пожари и во најголемите куќи во селото, на куќите сопственост на семејството Бојовски и на други две куќи. Сето тоа е сторено без никаков повод и причина, а особено што празнувањето на селскиот празник поминало во најдобар ред, без ниту една провокација, во присуство на голем број верници, но и со претставници од мисијата "Конкордија", Европска унија, ОБСЕ и МВР.
Целта и на овој варварски чин е заплашување на населението од страна на албанските терористи, со порака жителите и сопствениците на недвижните имоти во селото да се откажат од родните и татковските места и огништа.
За голема жал, во извештаите на дел од учесниците на “меѓународните” мониторинг миси ваквите варварските недела се претставувани како случајни палави изливи на малолетници, како да може да биде случајност постојано да бидат предмет на уништување токму спомениците од православната култура (цркви, фрески, икони, стари ракописи) стари повеќе векови.
Се чини сепак дека и среде најтешките времиња македонскиот народ не е напуштен од Провидението. Во последната деценија на дваесетиот век, наспроти сите изјаловени очекувања за демократизација, правна држава и просперитет, остварен е барем напредок на планот на слободното изразување на верските чувства и се поголем број православни граѓани се приклонуваат под крилото на црквата и кон верата во Троединиот Бог преку Господ Исус Христос Кој е живот и вистина. Како резултат на своевидната ренесанса на верскиот живот кај македонскиот народ и се поголемиот број на активни православни верници, во последната деценија и на подрачјето на Тетовското архијерејско намесништво умножени се активностите за санација и реконструкција на постојните и обнова на некогашните Божји светилишта.
За санација на бројните оштетени и уништени православни светилишта во Долни Полог од големоалбанскиот тероризам (наведени во приложениот Преглед) ќе бидат потребни дополнителни напори, многу годинии мир, силна обновителска ревност и огромни финансиски средтсва. Како неодминлива прва и подготвителна фаза на активностите за ревитализација на оштетените и уништените светилишта е документирањето на состојбите. Неопходно е да се изврши снимање на секоја црква со видео-камера, да се направи фото-документација, да се изврши техничко снимање на архитектурата, да се слика секоја икона и фреска посебно како и цели партии на живописот, да се документира секој примерок на книги, свети реликвии и други свети предмети.
Ова искушение кое нe снајде на прагот на третиот милениум, во кое беа разрушени повторно христијанските светилишта од страна на големоалбанските терористи и исламските фундаменталисти, нема да го поколеба православното население од овој регион да се исели од родниот крај и да ги остави своите цркви и манастири запуштени и во урнатини. Семилостивиот Бог ги чува своите светилишта и нема да дозволи тие да згаснат. И со Негова помош како што изронуваат преку визиите на верниците од под пластовите земја и заборав и повторно се извишуваат во светлината на денот преку љубовта и оддаденоста на Божјото, така и во иднина ќе се множат и опстојуваат , зрачејќи и во наредните децении и векови со поранешниот свет сјај и убавина.



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved