МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Биографии на манастири и цркви
Манастир Свети Ѓорѓи село Мала Речица
Манастир Свети Ѓорѓи село Мала Речица
 Манастир Свети Ѓорѓи с.Мала Речица Манастир Свети Ѓорѓи село Мала Речица

Манастирот "Свети Ѓорѓи" се наоѓа во селото Мала Речица, во подножјето на Шар Планина, во непосредна близина на Тетово. Населбата е рамнинска, на надморска височина од 490 метри. На локалитетот на кој се наоѓа манастирот, според историските податоци, населби со православно македонско население имало уште од XI век, а се споменува дека постоеле 16 цркви и манастири.
За поголем дел од нив нема

материјални траги на лице место, бидејќи се разурнати со доаѓањето на Албанците од планинските делови на Албанија, на овие простори. Постојат остатоци од црквите "Света Недела", "Света Богородица", "Свети Атанасиј", како и сега остатоците од опожарениот манастир "Свети Ѓорѓи".
Црквата "Свети Ѓорѓи" како православно светилиште, датира од периодот на XIII и XIV век. За време на турското владеење, црквата била во два наврати уништувана. Во 1920 година вршени се ископувања и пронајдени се темелите на старата црква. Во 1936 година врз темелите на старата црква се возобновува денешната црква, од ктиторот Ѓоце Митрушевски, трговец од Тетово. По смртта на ктиторот, за манастирот и неговото одржување, се грижел неговиот син Круме, заедно со многу родољубиви и чесни христијани.
Според археолошките истражувања на Д-р Петар Миљковиќ-Пепек од 1967 година, на остатоците од старата црква, под сега веќе опожарената црква, пронајдени се остатоци од фрески како и темели кои датираат од XIV век. Тоа е значаен факт кој потврдува дека станува збор за вреден споменик на културата, не само во тетовската област, туку воопшто во историјата на византиската уметност. Тогаш остатоците од фреските се однесени на конзервација во музејот на Републичкиот завод за заштита на спомениците на културата, каде е утврдена нивната старост. Локалитетот и црквата "Свети Ѓорѓи" е значаен споменик на културата од највисок ранг како дел од културното наследство воопшто. Во 1965 година се изградени конаците и придружните објекти.
Во овој манастир престојувал и неговото високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил. Грижата за манастирот во 1970 година ја презема Тодор Петрушевски, зет на покојниот Круме Митрушевски. Во 1971 година во манастирот заживува монашкиот живот и за старешина на манастирот е поставен јеромонахот Пантелејмон кој во овој манастир живеел и работел се до својата смрт, односно до 1981 година.
До март 2001 година манастирскиот комплекс опстојувал мирно и не бил загрозуван од албанското население, со исклучок на поедини незначителни инциденти. Таков е случајот во 1955 година кога внуците на Рамадани Шазо, од село Мала Речица кои преку ноќ доаѓале во црквата и му се заканувае на чуварот дека ќе го убијат под изговор дека им е "партиска должност" да го избркаат чуварот и да го разурнат манастирот.
Манастирот бил посетуван од локалното население секојдневно, а имало и посетители од градот и пошироката околина за чествување на празниците: "Бадник", "Свети Ѓорѓи"-зимен, "Ѓурѓовден" и "Обновување храм на Свети Ѓорѓи-Ѓурѓиц" како традиционални манастирски свечености. Манастирот го посетувале многу свештенослужители како и уметници, историчари на уметноста, истражувачи, пред се поради самиот манастир, но и поради старите и вредни икони, фрески и други црковни предмети.

Оштетувања на манастирот "Свети Ѓорѓи" во село Мала Речица

Со почетокот на атаците на албанските терористички банди, во март 2001 година манастирот во неколку наврати е оштетуван. На 8 декември 2001 година, во доцните вечерни часови, во манастирот е подметнат пожар, спроти празничниот ден "Свети Великомаченик Ѓорѓи Победоносец" и на денот кога Македонската Православна Црква и македонскиот народ го одбележуваше патронниот празник на покровителот на црквата и народот, Свети Климент Охридски-Чудотворец.
Пред опожарувањето црквата и конаците се ограбени и целосно демолирани. Во пожарот изгорени се иконите, уништени фреските и целиот фрескоживопис, иконостасот како и сите црковни предмети и утвари. Конаците при првиот пожар се само ограбени. Тие се опожарени наредниот ден во неделата, но пожарот е спречен со интервенција на пожарникарите, така што оштетувањата се значителни, но не и целосни. Оштетена е столаријата, а на дрвените делови на кровната конструкција има локални оштетувања. Порадите лошите временски услови и неможноста за интервенција штетите можат да бидат мултиплицирани. Уништена е целата опрема и инвентар. Огнената стихија ги има уништено и помошните простории, изгорена е кујната, игуменската соба како и летната кујна со визбата. Во пламената стихијата уништени се и конструктивните елементи на објектот. Украдена или изгорена е целата опрема и инвентар.
Манастирот "Свети Великомаченик Ѓорѓи Победоносец" бил еднобродна базилика со централна купола и надворешни пиластри. Имало уште една купола во олтарскиот дел на кој бил поставен крстот. Ѕидовите биле од камен, а папертата била ѕидана во керамички блок.
По опожарувањето на црквата се останати само ѕидовите така што внатрешноста е целосно уништена. Во делот на папертата (влезниот дел од западната страна) уништени се или украдени стари икони од непроценлива вредност кои датираат од XVII век. Целосно се уништени фреските, иконостасот, царските двери кои биле во резба, црковни предмети од непроценливо значење, повеќе стари икони од разни светители и повеќе вредни богослужбени книги. Бродот на црквата бил комплетно фрескоживописан како и куполата во неа. Од пламената стихија сега се останати само голи поцрнети ѕидови. Во олтарниот дел уништен е во целост Светиот престол кој е вграден во апсидниот дел на олтарот.
Општ впечаток е дека манастирот во селото Мала Речица е изгорен и потполно уништен. Ова е злосторство врз цивилизацијата воопшто, тоа е чин за којшто нема оправдување и е сведоштво дека и во новиот милениум и по 2000 години од христијанството се уште има човечки битија кои не можат да бидат дел од цивилизациските текови на човештвото.
Црковните светилишта паметат многу разурнувања, но и возобновувања што им дава уште поголема светост, како и обврска кон минатото и долг кон иднината за возобновување со уште поголем сјај. Секое разурнување, палење, ограбување е напротив уште поголема обврска на сите верници за обновување на светилиштата како доказ за сопственото цивилизациско постоење. Доказ за културата и духовноста на еден народ , на неколкуте нешта што не се купуваат со пари и не се стекнуваат со насилство и грабеж, а напротив со вековен труд, работа и трпеливост.



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com


Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved