МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Житија на светители
Света Великомаченица Злата Мегленска
Света Великомаченица Злата Мегленска
Света Великомаченица Злата Мегленска
Света Злата Мегленска

Од времето на иноверното турско владеење во Македонија позната е единствената светителка-маченичка, Света Злата Мегленска. За животот и маченичката смрт на Св.Злата дознаваме од нејзиното житие. Тоа е напишано од очевидецот на нејзиното мачеништво, Никодим Светогорец, во 1779 година на грчки јазик.
Според житието, Св.Злата Мегленска е родена и настрадала во село Слатино, Мегленско, во Егејскиот дел на Македонија. Таа е ќерка на сиромашни селски родители, коишто имале уште три ќерки. Света Злата зрачела како со духовни, така и со телесни високи квалитети. Духовните квалитети и биле силната вера во Господ Исус Христос, нејзината смиреност и чистото срце, а надворешно била необично убава. Таа нејзина убавина дала повод

нејзиниот живот да се украси со страдање на голема маченичка.
Нејзината ретка убавина го привлека вниманието на еден Турчин од нејзиното место, така што тој решил да најде време и по секоја цена да посегне по честа на убавата Злата и да ги задоволи своите телесни страсти. Еден ден кога Злата заедно со други жени отишла да собира дрва во блиската шума, тој организирал силеџиски грабеж на Злата. Ја зел со себе насилно и ја однел дома кај него. Најпрвин, тој ја убедувал да ја промени својата вера и да премине во мухамеданство, ветувајќи и разни удобности, па дури и ветил дека ќе се ожени со неа. Во спротивно и се заканил дека ќе ја стави на страшни маки.
Од дрскоста на Турчинот, Злата била поразена, но неговите ветувања и предлози храбро и одлучно ги одбила. Откако го повикала на помош името на Господ Исус Христос, таа на Турчинот храбро му одговорила:"Јас верувам и се поклонувам само на Господа Исуса Христа, и од Него нема да се откажам, па макар и да ме сечете на ситни парчиња, а освен тоа сум се зарекла на девствена чесност којашто неможе ништо да ја измени".
Откако ги слушнале овие одлучни искажувања на Злата, Турците сфатиле дека обични средства не ќе можат да ја придобијат нејзината наклоност, ги повикале нејзините родители и трите сестри за да и влијаат да го прими мухамеданството. Во спротивно се заканувале, дека и тие ќе бидат жестоко мачени. Поразени и исплашени, родителите и сестрите ја убедувале Злата да го прими мухамеданството.
Може секој да си ја престави тешката и мачна положба во која се наоѓала маченичката Злата. Од една страна љубовта кон родителите и сестрите, а од друга страна долгот како христијанка кон својата вера. Солзите на нејзините родители и го кинеле срцето. На крајот храбро се издигнала над солзите на своите родители и сестри и & м рекла:"Ако веќе вие ме присилувате да се откажам од Господа Христа вистинскиот Бог, не сте ми веќе мои родители ниту мои сестри. Мојот таткот ми останува само Господ Исус Христос и мајка Пресвета Богородица, а браќа и сестри светителите и светителките маченици и маченички".
Откако Турците увиделе дека сите нивни лукавства и средства што ги употребувале не помогнале ништо, поминале на мачење. Во почетокот ја фрлиле во темен затвор, кај што останала три месеци. Секој ден ја тепале со стапови се додека нејзината крв не ја натопила земјата. Потоа од грбот и исекле парчиња кожа и ги закачиле пред нејзините очи. Од нејзиното тело течело толку крв, што целата земја под неа се натопила. Но нејзните мачители ни со тоа не се задоволиле. Тие и ставале железна прачка и со неа ја прободеле главата низ ушите, така што чад и излегувал низ устата.
Овие страшни маки светата маченичка Злата ги поднесувала многу храбро, а тоа доаѓало од силната љубов спрема својата вера во Господа Исуса Христа. Крвожедните мухамеданци најпосле ја обесиле маченичката на едно дрво и телото и го исекле на ситни парчиња. Така Св.Злата, исчистена низ огинот на страдањето ја предала својата чиста душа на Господа, којшто го облила со силна љубов како смртта, се вели во житието.
Големата маченичка Св.Злата од селото Слатина, Мегленско, настрадала во октомври 1795 година, а како ден на нејзината смрт се слави 13 октомври по стариот календар, а според новиот 26 октомври. Култот на Св.Злата како голема маченичка, најпрвин е пренесен во Света Гора, преку игуменот на Светогорскиот манастир Свети Никита, отецот Тимотеј, според чие сведочење е напишано нејзиното житие.
Храм посветен на Света Злата Мегленска во најново време(1986г) се гради во село Сарај, Скопско. Убавата претстава на Света Злата во најново време е насликана од Никола Цонев во манстирот "Свети Наум Охридски" на Попова Шапка. Сликарката Јулијана Апостоловска има насликано уметничка икона што сега се чува во трпезаријата на Лешочкиот манастир.
Заеднички да и се помолиме:"Света великомаченице Злато биди ни закрилница на целиот православен народ кој живее тука и моли Го Севишниот Бог, да не му допушти на ѓаволот да ни возложува слични маки и искушенија кои Ги претрпе заради нас грешните луѓе". АМИН!



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved