МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Житија на светители
Свети Маченик Трифун
Свети Маченик Трифун
Свети Маченик Трифун
Свети Маченик Трифун

Меѓу мачениците кои страдале за Христовата вера, едно од многуте видни места зазема светиот маченик Труфун. Мачениците се одликувале со непоколеблив карактер и цврста волја. Кај секој од нив се прославувало Светото Име на Господа и нам ни даваат пример како треба храбро да се оди кон Царството Божјо и неискажливата радост. Секој од нив со својот подвиг покажува и докажува дека за Бога се е можно и дека од нејаки деца и немоќни старци можеме да постанеме духовни херои на кои не може сета сила демонска да им наштети.
Пример за духовен херој ни дава животот на светиот маченик Трифун, чиј спомен нашата Црква денес го прославува. Роден е во малоазиската област Фригија во Мала Азија. Уште од рано детство во него се пројавила необична Божја благодат со покажување на

дар на чудотворство. Тој на изненадување на своите современици имал моќ над болните. Посебно душевно заболените по погледот на младиот Трифун биле излекувани. Некоја необична исцелителна сила зрачела од неговиот поглед.
Меѓу многубројните негови чуда кои што ги вршел со благодатта Божја, се споменува и исцелувањето на ќерката на Римскиот император Гордијан. Тој имал необично убава ќерка и поради нејзината убавина многу кнезови ја проселе за своите синови. Но се случило несреќа да оваа убава принцеза душевно се разболи, бидејќи нечистиот дух влегол во неа и многу ја мачел. При страшните настапи на болеста таа многу пати сакала да се фрли во оган или вода. Ниеден лекар не можел да и помогне и да ја излечи. На девојката и е откриено дека единствено може да ја излечи "детето Трифун".
Дознавајќи царот за необичната моќ на фригиското момче Трифун го повикал да ја спаси неговата ќерка. Царските слуги после долго барање во Фригија го нашле момчето покрај езеро како чува гуски. Затоа тој често на иконите се слика опкружен со гуски. Тогаш тие го повеле во Рим и кога се приближил до местото каде живеела девојката, ѓаволот го осетил неговото доаѓање и немилосрдно почнал да ја мачи девојката викајќи:”Неможам повеќе овде да живеам бидејќи се приближува Свети Трифун” и не дочекувајќи го излегол и таа веднаш оздравела.
По излекувањето настапила неописива радост во дворот. Царот богато го наградил Свети Трифун, но тој не го задржал добиеното богатство туку веднаш го разделил на сиромашните и бедните, и самиот живеел скромно во своето родно место; да прави добри дела и да им помага на болните и немоќните. Но по смртта на царот Гордијан, кој бил трпелив спрема христијаните, дошол крволочниот цар Декиј кој наредил да се прогонуваат христијаните. Сите оние кои не сакале да се одречат од Господа Христа, ги фаќале, ги мачеле и убивале. И како што не може да се сокрие град што стои на врв планина, така ни Свети Трифун не бил скриен од очите на гонителите.
Светиот маченик не сакал да бега во пустината, туку се наоружал со молитва и благодат Божја и смело пошол кај управникот на покраината Акилин. Тој му наредил да им се поклони на боговите, во спротивно ќе биде подложен на најстрашни маки. Свети Трифун ја одбил неговата наредба. Потоа за него настанале неописиви мачења. Врзан со рацете наназад го обесиле на дрво и го камшикувале три часа. Само мачителите можеле да бидат толку ѕверски расположени спрема невините христијани.
Но младиот маченик Трифун сето тоа го издржал, со изобилна Божја помош. Кога виделе дека ни мачењата не помагаат решиле да го посечат со меч. Но мачителот претходно наредил да го врзат за еден коњ и така вржан бос да го поведат во планината. Од силниот мраз и студ почнале да ну отпаѓаат меса и прсти од нозете, но тој тоа го трпел без збор и наместо протест од усните на овој маченик се слушнала молитвата за гонителите: "Господи не им го пишувај ова за грев".
Пред извршувањето на смртната пресуда, му дозволиле да се помоли на Бога. Тој со топла молитва му заблагодарил на Бога со зборовите: " Господи, Ти благодарам што си ме удостоил да до крај го издржам овој подвиг и прими ја мојата душа во твојата Света Небесна Обител". И Бога ја услишил неговата молитва. И додека се молел, Господ ја зел душата на маченикот кај себе. Мачителите не можеле да ја извршат својата намера да му ја пресечат главата. Ова се случило во Никеја.
Христијаните од ова место го зеле телото на маченикот и го пренеле во неговото родно место. Еден дел од светите мошти денес се наоѓаат во Москва во храмот посветен на Светиот маченик Трифун. Православната Црква го слави како исцелител, кој се удостоил на маченичкиот венец за Господа Христа.
По молитвите на Светиот маченик Трифун, Господе Иисусе Христе, Сине Божји помилуј не и спаси не. АМИН!



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved