МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Житија на светители
Свети Наум Охридски - Чудотворец
Свети Наум Охридски - Чудотворец
Свети Наум Охридски - Чудотворец
Свети Наум Охридски

Еден од првите ученици на словенските првоучители светите браќа Кирил и Методиј, брат и сотрудник на Свети Климент Охридски, бил Свети Наум Охридски. Тој припаѓа на оној период од историјата на христијанската црква во Македонија, каде одиграл важна улога во ширењето на Православната вера меѓу словенските народи на Балканот на мајчин словенски јазик.
За животот на Свети Наум имаме многу малку податоци и тие се извадок од неговото житие. Во родителскиот дом бил воспитуван од побожни и благородни родители. Имајќи наклоност кон монашкиот живот се одрекол од наследството на родителите, не сакал богатство и земна слава и се замонашил.
Според житието, Свети Наум бил најмладиот

меѓу учениците на Свети Кирил и Методиј и еден од познатите Петочисленици, а тие се: Свети Климент, Горазд, Сава и Ангелариј, кои биле најревносни соработници на светите браќа.
Свети Наум заедно со Свети Климент го проповедале Светото Евангелие, ги просветиле словенските народи со благата Евангелска наука. Поминале низ многу места во Девол, Панонија, се до Илирик. Потоа дошле на брегот на Охридското Езеро. Додека Свети Климент бил Епископ во Охрид, Свети Наум основал манастир на јужниот брег на езерото. Со време во манастирот настанало големо братство на монаси, на кој Свети Наум им бил мудар духовен учител и раководител. Тој посебно се трудел околу преведувањето на Светото Писмо и другите богослужбени книги од грчки на словенски јазик.
Како учител и свештенослужител во овој крај останува до смртта. Починал во првата половина на десетиот век откако доживеал длабока старост.
Неговото свето тело и денес лежи во манастирот кој го носи неговото име. А воедно во негова чест е изграден и овој свет храм на нашиот шарпланински покрив.
Наскоро по неговата смрт, како израз на сенародното почитување пред големите дела на овој сесловенски подвижник е прогласен и канонизиран за светител. Допирајќи се до неговите мошти, многу луѓе се исцелиле од разни телесни и душевни болести.
Во неговото житие се вели дека чудата на Свети Наум биле побројни од ѕвездите на небото. Бројни чуда се јавувале за време на неговиот земен живот, а посебно по неговата смрт преку неговиот дух, гробот и изворот од под карпите. За помош доаѓаат луѓе од сите краишта и од сите вери и народности. Бројни се примерите како се зачнал плод кај неродилки, како дете по две-три години заодело или прозборувало, одакако неговите родители биле да му се помолат на Свети Наум.
Сето она што го направил за нас Свети Наум како Црква и народ, наречен е златен период на македонската просвета и црковна национална историја.
Секогаш кога сме биле со Свети Наум и Свети Климента и Бог бил со нас. Секогаш кога сме ја оставиле верата што Свети Наум ја утврдил на овие наши простори сме се обезличувале како народ.
Но да им благодариме што тие не не заборавија, што ја задржаа верата меѓу нашиот народ, што мноштвото поклоници и почитувачи на нивните гробови и светите мошти никогаш не се прекина. Големо е нивното дело, зашто е градено на тврди основи и издигнато до небесата.
Да му благодариме на Бога што и тогаш, кога немавме за себе, не дозволивме да згаснат кандилата пред нив и да престанат молитвите кон нив.
Затоа и сега, во овие тешки времиња, Свети Науме засили ни ја верата, надежта и љубовта, за да можеме да бидеме поединствени и во духовното и во националното наше живеење и помогни ни да се покажеме како подостојни последователи на твоето свето дело. Зачувај не во мир, варди не од меѓусебните недоразбирања, испрати го твојот свет благослов и мир и благослови ја нашава земја и нашиот народ.
Благослови не да го следиме твојот пат, свети оче Науме, зошто со тебе сме на патот на вистината, на патот што води кон благословен живот на земјата и вечен на небесата, сега секогаш и во вечни векови. АМИН!



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved