Make your own free website on Tripod.com
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Потресни кажувања на жители
од Непроштено и Теарце за настани во 2001
Потресна приказна на жител од село Непроштено

На почеокот на јули 2001 година, после склученото "примирје", на патот Тетово - село Непроштено, многучлена вооружена албанска терористичка банда киднапирала триесегодишен Македонец, жител од селото кој се враќал дома. Младиот човек, по околу дваесетчасовно заточеништво, успеал да остане жив, благодарение на неговиот татко кој на киднаперите им понудил пари и го откупил неговиот живот.
Веста за ова киднапирање, тогаш во медиумите беше пренесена без многу детали, како еден од многубројните други случаи на грабнувања на Македонци од тој реон, зафатен со "воени дејства во мирување". Девет месеци подоцна, киднапираниот од Непроштено ја раскажа сопствената приказна за загубените морални вредности, за животот и опстојувањето и за сето она што го доживеал додека бил во рацете на самонаречените борци за човекови права.
"Беше околу 18,30 часот кога со автомобилот пристигнав во селото и бев на околу 200 метри од дома. Наеднаш пред мене забележав дека патот е блокиран, а наоколу имаше група од околу 150 вооружени лица со униформи и ознаки на УЧК. Се обидов полека да завртам со автомобилот и да се вратам, кога зад мене се појави Лада нива со тројца Учки, најверојатно припадници на нивната воена полиција. Ми ставија цевка од автомат на вратот и ме однесоа до групата. Таму ме претресоа и кога видоа дека немам оружје, тргнавме за Порој, па за Дреновец 2 каде што беше сместен нивниот штаб. Со пиштол на слепоочницата, ме натераа да се јавам на мобилен телефон дома и да кажам дека се наоѓам во некоја нива, дека наоколу се пукало, а кога ќе се смирело, ќе сум се врател дома. Цело време бев со одврзани очи и меѓу униформираните видов многу познати лица. Таму ме тепаа колку да ме заплашат, а околу 22 часот тргнавме за селото Ѓермо. Цело време ми зборуваа дека тие не одлучувале за мојата судбина, туку како што ќе речеле главните, така ќе било" - ја почна сопствената трагична сторија младиот Непроштенчанец кој не сакаше пред поширока јавност да го истакнува идентитетот, како што рече, за да го заштити семејството кое исто така помина низ стравотни моменти на неизвесност, страв и агонија.
Во Ѓермо, киднапираниот го доживеал пеколот на земјата. Таму прво го затвориле во штала, во која имало два коња. Му ги врзале очите и почнале да го распрашуваат. Татко ми, пред да се пензионира, работеше во полиција, во одделот за недозволена трговија со дрога. Ме прашуваа што рода ми е министерот Бошкоски. Еден од нив ми рече: "Татко ти го знам, тој не ме тепаше, ама тебе ќе те тепаме колку што полицијата ме има тепано мене". После разбрав дека станува збор за убиец кој со ловџиска пушка усмртил човек. Ме врзаа за една греда со рацете назад, ама со јажето ми го свиткаа и вратот. Не смеев да мрднам оти можев самиот да се задавам. Не знам колку време помина кога во шталата влезе некој и ми прозборе. По гласот го познав дека е од Непроштено, со него еднаш сум пиел кафе. Тој се смилува, ми фрли едно ќебе на плеќите, а ми даде и чаша вода. Утредента во шталата влегуваа и излегуваа повеќемина. Кој како ќе влезеше, ме удираше со мотка, стапови, со клоци, боксови и со други предмети што се нашле во шталата. Повремено ми фрлаа кофи со вода, колку да се освестам, и повторно тепање. Едно време ми ги одврзаа рацете, ми дадоа цигара и ме натераа да пишувам биографија за мене и за семеството.
Тука не завршиле маките на киднапираниот. Мачителите му ги заврзале рацете, а јажето го врзале за еден коњ, па така го влечеле додека не загубил свест. Бизарноста на киднаперите отишла дотаму што тие во едно тенџере собрале мочка од коњите и го терале да пие, потопувајќи му ја главата внатре. Потоа му дале да јаде и коњски лепешки.
"Повеќемина од тие што ме мачеа и тепаа ги познавам.До тогаш не знаев дека човекот е толку цврста творба и дека може да издржи работи кои ниту животните не можат да ги преживеат. Откако се заситија и заморија од бруталноста, повторно ме ставија на колена и ме врзаа. Така останав до 12,30 часот кога во шталата влезе еден што го познавам од порано, ме праша за кои министри работам, а потоа крвнички ме претепа, ме исплука и замина. Еден час подоцна дојде некојси командант Авзи и ми рече дека ќе ме пуштеле. Не верував во тоа. Ама тој му нареди на чуварот да ме одврзе, а потоа ме кренаа под мишки и ме однесоа до една Лада нива. Покрај возилото тогаш помина еден селанец, Албанец во години кој го познава татко ми и само рече: "Ова е луда работа", подавајќи ми цигара. Ми рекоа дека во Порој ќе ме преземат други. Таму ме предупредија никому да не кажувам, а ако ми требало помош да одам на дежурни служби или дома да повикаме лекар. Ми вратија некои лични предмети и документи и ме однесоа кај бензинската пумпа Студјеса. Таму ме презеде друг Албанец, кој со автомобил ме однесе за Тетово каде ме пречекаа моите родители и сопругата. Разбрав дека татко ми цело време знаел дека сум бил киднапиран и со пари ми го откупил животот. Тој и ден денеска не сака да зборува за тоа", со големи емоции, ама достоинствено ја отвори душата младиот човек од Непроштено.
Од тепањето, киднапираниот се здобил со тешки надворешни, ама и внатрешни повреди по телото. Многубројните рани и бубрезите ги лекувал во Пролом Бања во Србија, а таму отишол оти некои нивни пријатели добронамерно им порачале, извесно време да се тргне од Тетово.
"Во меѓувреме, татко ми со првиот конвој заминал за Непроштено. Таму во куќата и во фирмата за градежни материјали сe било искршено и опљачкано. Во средината на август, куќата, магацинот и пиланата беа изгорени, сите машини уништени, а тракторот украден. Терористите, покрај тоа што ми оставија трајни телесни и душевни белези, ми го уништија и она материјалното што го наследив од дедо ми, а го вложив во мојот бизнис. Со семејството останавме без егзистенција. Чувствувам голема носталгија за селото, па иако ми е страв, минатиот месец самиот отидов таму. Обидите да ни се втера страв во коските не престануваат. Моето куче-шарпланинец некој го убил со куршум во глава, го врзал со жица и го довлечкал до складот. Таму го оставиле да се распадне во една од опожарените простории. Душманите на таков начин ни оставиле порака да не се враќаме на прадедовските огништа. Но, од се најтешко ми паѓа кога низ Тетово ги среќавам оние кои садистички се изживуваа врз мене. Тие се амнестирани и како слободни граѓани се шетаат без никаква одговорност за тоа што го сториле", огорчен и повреден, ја заврши својата вистинска приказна младиот Непроштенец кој со сопругата го очекуваат второто дете. Нивните мисли се свртени кон иднината и градењето нов живот, но голема е нивната неизвесност како ќе стасаат до таму.

Потресни кажувања на повратници од селото Теарце

Во првиот налет на албанските терористички банди во селото Теарце најмногу настрада Вакалското маало близу црквата "Свети Никола". Овде изгореа седум куќи, сите намерно запалени, меѓу кои и една надворешно не толку угледна, а во внатрешниот дел современо уредена и опремена. Во неа живееше осамена старица од околу 80 години која по ниедна цена не сакаше да го напушти селото, во кое со својот покоен сопруг ги поминала најубавите години од животот.
"Не сакав да го напуштам Теарце. Децата ме убедуваа да одам кај нив, особено синот. Но, јас се чувствував најслободна и најсреќна во куќата на мојот покоен сопруг. Не можеше никој да ме разубеди да заминам. Немаше и од што да се плашам. Ние како семејство никому немаме направено ништо лошо за да ни возвратат со лошо. Децата изучија, станаа свои луѓе и сe што знаат е да помагаат. Во нашата куќа влегувале секакви луѓе. Никогаш не станало збор на која вера или нација им припаѓаат, особено кога дома беа некои од нашите деца".
Четврток, 26 јули 2001 година, време на "склучено" примирје. Овој ден во историјата на Теарце останува запишан со најцрни букви. Гореа триесетина објекти, најмногу станбени, сите на Македонци. Тие беа опожарени во вечерните часови, по зајдисонце. Пожарите немаше кој да ги изгасне. Само една ноќ пред тоа, речиси сите теарчани под силен притисок на вооружените албанските терористички банди, и покрај постоечкото "примирје" кое како да важеше само за македонската војска и полиција, беа принудени да го напуштат селото. Овде останаа оние кои немаа каде да се приберат, но и оние постари кои мислеа дека треба да бидат во своите родни куќи па што сака нека биде.
"Во последен момент, во средата навечер, отидов во Теарце да ја земам мајка ми. Знаев дека ќе и го скршам срцето кога ќе се случи нешто страшно и тоа токму во таа ноќ. И не се излажав. Претчувството се исполни. Веќе наредниот ден повеќе куќи во Теарце изгореа. Меѓу нив, пламените јазици ја однесоа и нашата. Изгоре до темел, со сe што имавме обновено, поправено и опремено. За да и олеснам на мајка ми да може да се справува со староста и животот, и купив нова и современа опрема. Кога ја земав мајка ми со мене, освен малку нејзина гардероба што понесе, се оставивме. И тоа беше се".
"Ми останаа само спомените", вели бабата. "Куќата ми изгоре со сe што имаше во неа. Во брзањето кога син ми ме зеде само една ноќ пред пожарот, си ги заборавив дури и парите што од пензијата ги штедев да им се најдат за мојата умирачка. И тие ми изгореа. Од куќата и од заштедата остана само пепелот".
Старицата веројатно сакаше уште нешто да каже. Ја наведна главата, го извади шамивчето да си ги забрише солзите по лицето и повеќе ништо не проговори.
Во едно од маалата во Теарце, во кое има поголема концентрација на Македонци живее еден човек на 78 годишна возраст. Се вратил на прадедовското огниште од кое побегнал по наездата на албанските вооружени банди. Со цело потомство заминал некаде во Скопје каде што сите други останале, а тој со првиот конвој што заминувал за Теарце, наумил повторно да се најде во својата куќа. Вели дека никогаш во животот не бил толку радосен од оној момент когаповторно се нашол дома и кога видел дека качаците го поштедиле.
Се средилстарецот, повторно зачкрипеле шарките на надворешната порта, вратите и прозорците од куќата и за почеток се определил за наметнатиот самечки живот. Неговата основна задача како што вели, му била да обезбеди сопствено прехранување, но и да се грижи за она малку добиток што го поседувале и за неколкуте кокошки. Се движел низ Теарце, ги гледал изгорените куќи, му подзастанувало во грлото нешто пред секоја од нив, некаде и ќе му прокапела солза од жал за соседот што останал без домот, но никому не го искажувал своето внатрешно чувство. И сe така во десетте дена "повратнички" живот, во кој не почувствувал некаква посебна посериозна закана.
"Една вечер сe уште бев во дворот. Наеднаш слушнав тропање на портата од двориштето. Тропотот не беше вообичаен, па се посомневав дека не се соседите, туку некои неканети. Се засолнив кон плевната и не се огласив. Кога портата беше насилно отворена, ми стана јасно кои се и зошто доаѓаат. Беа повеќемина, главно помлади, до триесетина години. Сите со униформи и црни кошули, со пушки и автомати, на главите црни маски со отвори кај очите, носот и устата. Го искористив она малку време и можност што го имав и уште повеќе се засолнив во плевната да не ме забележат. Додека неколкумина влегоа во куќата која не беше заклучена поради моето присуство, еден веќе го отвори возилото што беше во дворот и не знам како успеа веднаш да го стави во движење. Друг се качи на тракторот, ја повлече приколката и го сврти кон излезната порта. Оние што се качија во куќата, почнаа да носат од покуќнината-телевизор, електричен шпорет, машина за перење, касетофон, но и многу други работи што ги имавме како повредни. Пред мои очи ја полнеа приколката на нашиот трактор. Товареа и мебел, но и текстилни предмети што имаа поголема вредност.
Гледав што се случува, а не можев да им поверувам на очите. Не ги препознав. Слушнав како зборуваат на албански. Претчувствував дека се овдешни. Во главата ми доаѓаа мисли: зар може тие истите со кои градевме соседски односи, вака да ми пакостат? Потоа заминаа сосе возилото и товарениот трактор. Ноќта останав во плевната, а утредента имав што да видам: целата куќа испретурена, а највредното однесено".
Човекот ја прекина својата приказна. Солзите што му се истркалаа по лицето го искажаа неговиот чемер и човечки немир.

Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved