Make your own free website on Tripod.com
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Биографии на манастири и цркви
Соборен храм Св.Св. Кирил и Методиј - Тетово
Соборен храм Свети Свети Кирил и Методиј - Тетово
Соборен храм Свети Свети Кирил и Методиј - Тетово Свети Свети Кирил и Методиј - Тетово

Соборниот храм св.св.Кирил и Методиј во Тетово претставува една архитектонска градба која восхитува и кај намерникот предизвикува спонтана почит не само кон светителите чие име го носи,туку и кон Православието  воопшто.Тој е еден од најубавите храмови,не само во полошкиот крај туку и пошироко во нашата татковина Република Македонија. Граден е на ново место од понов период, поточно во виорот на славниот Илинден

и Крушевската епопеја во 1903-та година,што му дава уште поголемо значење на ова христијанско светилиште. Иницијатор за градбата бил Прота Михаил (Мисо Мартиновски),примерен свештеник од тоа време,познат како заштитник на православните христијани од турските власти.Во тоа време како Архиерејски наместник успеал од Султанот Амид од Цариград да издејствува изградба на црквата.Одобрението го добил на 21 ноември 1902-та година.На почетокот на градбата,мајсторите наидувале на одредени потешкотии,како релзутат на нестабилноста и влажноста на земјиштето,а со цел да биде одстранета водата од темелите на црквата ,биле набивани костенови колци.Се смета колку што е црквата висока толку е и длабока за да не биде подложена на лизгање,а темелите биле поливани со олово.При градбата е користен камен бигор кој од целото местно население,на самарчиња на грб е носен од Тетовското кале.Главен мајстор при изведбата на работите бил извесен солунчанец од македонско потекло.Црквата се градела долго време со доброволни прилози на дарежливи христијани од Тетово и околината.Градбата била завршена во 1918-та година а црквата е осветена на 12 јули 1925-та година на ден Петровден од страна на тогашниот Патријарх Варнава.
Црквата е трокорабна базилика и крстообразна со купола.Фрескоживописот е изработен од познатиот зограв Данило Несторовски во 1924-та година.Истата година починал ктиторот на овој свет храм Прота Михаил Мартиновски кој е погребан во црковниот двор каде што и денес постои неговото вечно почивалиште.Од тогаш па до денес извршени се низа санации и изградба на нови помошни простории,од кои како позначајни ги издвојуваме:
-Во 1931-та година со прилог на г-дин Илија Герасимовски,подигната е чешма и фонтана во кругот на црквата.
-На 27 април 1938-та година започната е градба на парохискиот дом во кругот на црквата.
-Во 1957-та година како прилог на г-дин Јован Анѓелковски од с.Лавце поставен е паркетот во црквата.
-Во 1963-та година како последица од елементарни непогоди и земјотесот,настанати се големи оштетувања на црковната конструкција а најмногу била оштетена главната купола,но веднаш е извршена санација на оштетувањата.
-Во 1967-та година извршена е санација на црковната зграда,која исто така била оштетена од земјотресот.
-Во 1974-та година извршена е санација на фасадата на црквата а работите ги изведе Г.П.Гранит од Тетово.
-Во 1976-та година извршено е молерисување на внатрешниот дел од црквата.Работата ја извршиле г-дин Јован Илиевски и г-дин Никола Галевски од Тетово.
-Во 1982-та година од страна на господата Славе,Спиро и Ѓерчо,синови на покојниот Илија Герасимовски од Тетово,,обновена е чешмата и фонтаната.
-Во 1983-та година бетонирани се стазите околу црквата и поплочени се со мермер влезовите на црквата.
-Со посебно ангажирање на црковното настојателство во 1989 година започната е целосна санација и реконструкција на црковната зграда.Во состав на зградата изградена е канбанерија од армирано-бетонска конструкција.Изградбата е завршена во 1991-та година,кога е извршена и целосна реконструкција на покривот на црквата со поставување на бакарен лим во површина од 940 м2.Тогаш е извршено и целосно молерисување на надворешниот и на внатрешниот дел од црквата.Извршено е ретуширање и конзервација на фреските во олтарниот дел од страна на на академскиот сликар г-дин Павле Кузмановски,како и замена на дел од паркетот во олтарскиот дел.Во дворното место на црквата,до црковната зграда,поставена е монтажна куќиќка.Во црковната зграда пред неколку години уредена е импозантна крстилница.Во реновирањето учествувале голем број на дарители и претпријатија од Тетово и околината.
Најголем придонес за сето ова има нашиот надлежен Епархијски Архиереј,Неговото Високопресвештенство Митрополит-Полошко Кумановски Г-дин Кирил,потоа поранешниот Архиерејски наместник Протојереот Благоја Ацевски,тогашниот домаќин г-дин Синиша Исаевски,како и сегашниот Архиерејски наместник Протојереј-Ставрофор Мирко Станковски и сегашниот старешина Прота Предраг Исаевски,сите членови на црковното настојателство и многу други благочестиви помагатели.
Овој свет храм не ќе го имаше денешниов сјај ако во неговото опстојување својот несебичен придонес не го вградија сега покојните Протојереји Александар Ацески,Дамјан Попоски и Русе Апостолски,на чии ликови со пиетет ќе се сеќаваме,како и покојните свештеници кои служеле во овој свет храм Петре Атанасоски,Милутин Арсоски и Ќирко Кочоски.
При соборниот храм постои црковен хор,кој е формиран во 1969-та година од страна на сега веќе починатиот  Протојереј-Ставрофор Александар Ацески.Диригенти биле Виктор Трпковски и Јован Илиевски.Од 1990-та година па до денес,со хорот раководи диригент г-дин Ивица Зафировски,а претседател на хорот е Протојереј-Ставрофор Мирко Станковски.Овој хор зема учество на сите поголеми црковни манифестации во ова Архиерејско Наместништво,а на поголеми црковни празници при оваа црква пее и градскиот младински женски хор Менада,под диригенство на Маестро г-дин Ивица Зориќ.



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved