МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Биографии на манастири и цркви
Црква Свети Никола - Тетово
Црква Свети Никола - Тетово
 Црква Свети Никола - Тетово Црква Свети Никола - Тетово

За оваа црква немаме многу пишани документи ниту некои податоци. Меѓутоа во записите поврзани за манастирот "Света Богородица-Хтетовска", во една од хрисовулите на царот Душан, се споменуваат црквите "Свети Никола" и "Свети Илија" како метоси на споменатиот манастир. Сето тоа наведува на податокот, дека таа потекнува не подоцна од XIV век.
Многу подоцна, во 1675 година по една пресуда на тетовскиот

кадија, се споменува црквата "Свети Никола" со својот имот, во месноста на денешната населба "Дреновец". Се споменува нива од 11 хектари како и лозје со површина од три декари.
Некаде во 1715/16 година се споменува како една мала црквичка, која можела да прими едвај четири до пет верници. Тогашниот црковен одбор составен од видни граѓани, решиле на местото од старата црквичка да изградат нова и поголема црква. Во 1842 година се почнало со градба на црквата која траела се до 1847 година. Но, по завршувањето на градежниот дел се немало доволно парични средства за фрескоживописот и за уредување на внатрешниот дел од црквата.
Изградбата на новата црква му било доверено на познатиот мајстор од Охрид, Мартин Вражевски. Тој ја изградил црквата по планот на црквата "Света Богородица" од Скопје. Поради недостаток на финансиски средства црковниот одбор бил принуден од други места да бара помош. Во 1848 година црквата била завршена и пред крајот на истата година била осветена од скопскиот владика Анание. Но во 1872 година црквата била запалена од некој Албанец Муарем, доселеник од Албанија. Многу години црквата стоела разурната во пепел, дури во 1901/02 година тетовци почнале со нејзиното возобновување. Таа била целосно довршена во 1912 година, а преосветена е во 1923 година од епископот Варнава.
Изградената површина на црквата изнесува 7,87 ари, а површината под пристапи и зеленило изнесува 57,88 ари.
Црковното настојателство пред неколку години поради дотраеност на црквата презеде иницијатива и изврши санација на црковниот покрив кој е заменет со пластифициран лим и е зајакната кровната конструкција. При оваа црква во 1976 година е изградена нова црковна канцеларија, бидејќи старата, изградена пред 100 години била подложена на паѓање поради слабот материјал. Особено голема била помошта во работна сила што ја дале поголем број христијани, посебно од населбата Колтук.
Во 1995 година старата фасада на црквата е очистена и на нејзино место е изработена нова фасада од бел цемент, како и замена на прозорците, во истиот стар стил. Благодарение на многуте спонзори црквата е речиси 100% преработена од надворешната страна, а во внатрешниот дел е извршена замена на електричната инсталација. Во тие години извршено е асфалтирање на приодниот пат до црквата во должина од 150 м и изработена е нова влезна врата.
На 19 декемви 1995 година, неговото високопреосвештенство митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил ја освети новата крстилница што се наоѓа во самата црква во сослужение на повеќе свештеници од тетовското архијерејско намесништво.
На западната страна од сегашната црква "Свети Никола" до неодамна се забележуваа остатоци со димензии 3х2 м каде некогаш се наоѓала капела посветена на Света Петка. Објектот бил изграден од камења и покриен со слама така што со градбата на новата црква истата се урнала и била уништена. До неодамна на тоа место постоеше костурница. Точниот податок за постоењето и градбата на таа капела се сврзува со изградбата на помала црква посветена на Света Богородица, која се наоѓала преку реката Пена.
Во почетокот на 2000 година црковното настојателство презеде ницијатива да се возобнови истата капела. На 26 ноември истата година се положи и освети камен темелник на празникот "Свети Јован Златоуст". Осветувањето го изврши архијерејскиот намесник од Тетово протојереј-ставрофор Мирко Станковски со повеќе свештеници од тетовското и гостиварското архијерејско намесништво. Црквата е посветена на света Петка и света Недела. Денес се уште е во градба и не е осветена поради воените дејства што се случија во Тетово и тетовско.
Во 2001 година покрај другите цркви и манастири, оштетена беше и црквата "Свети Никола" од Тетово.



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved