МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Илинденски темели во Тетово
100 години на храмот св.св.Кирил и Методиј
Ако ги немавме светителите ќе не немаше нас
Митрополит Г-дин Кирил
Г-дин Кирил

Свечена Беседа-100 години од отпочнувањето со градба на црквата "Свети Свети Кирил и Методиј" во Тетово.
Говор на Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Господин Кирил.

Браќа и сестри во Господа,
При отслужената Божествена Литургија молитвено му заблагодаруваме на Бога за сите добрини,а особено за воспоставување на целосен евангелски мир,слога,љубов и разбирање меѓу нашиот богољубив народ и благосостојба на овие наши простори,и воопшто на просторот од Татковината.
На ова наше јубилејно,а воедно и латронско празнување,му се радуваат и сите наши еднородни,по дух и крв,браќа и сестри,кои се далеку од родната Татковина,а се обединети преку гласот на мајката Црква, во светите

новоизградени Божји храмови,особено оние на северно-американскиот како и австралискиот континент и во европските земји.
Во блажен мир почиваат,во Царството Небесно кај Бога,и душите на сите оние кои пред сто години,дадоа се од себе за да се отпочне создавањето на ова грандиозно црковно и сенародно патериотско дело,со цел преку неговата светост да се сочува вечноста на  нашиот богољубив народ и на овие наши простори.Тие,а и сите оние кои во континуитет со децении го надградуваа и разубавуваа ова светилиште,му подарија и на Бога и на сите нас,добар бериќетен плод за да бидат овенчани со чест,слава и незаборав.А сите ние кои се трудиме овој величествен храм,заедно со придружните објекти,да биде целосно обновен и да блеска со сјај,потврдуваме дека сме нивни искрени чесни следбеници и бдеејќи над оставените свети пораки и аманети.Та дури и во времиња-невремиња кога сме биле изложувани на тешки животни искушенија и голготски крсни распнувања.Да Му благодариме на Бога што успеавме да опстоиме,за да не се посрамиме пред идните генерации.
Големите и свети дела,особено да се сочува националниот бит,опстој и честа и достоинството на својот народ,на својата родна Татковина и света Црква,бараат големи саможртвени подвизи,но,уште поголеми и посилни,подоблесни,горди и силни македонски синови и ќерки.
Кога ќе се погледне од стогодишнината временска дистанца,нашите горди предшественици навистина умееле во најтешките историски мигови,да создадат неповторливи восхитувачки грандиозни дела.Такво силно сведоштво е и овој Божји храм.
Со цел да се манифестира гранитниот македонски нескршлив дух и непокор,со желба по секоја цена да се опстои,да не бидат откопачени од своите вековни татковски и мајчини огништа,тие и такви бестрашни македонски синови и ќерки,во виорот на Илинденската крвава,но и славна,епопеја во 1903 година,почнуваат да го градат овој импозантен храм.Времиња тешки,ропски,мрачни и пеколни.
Наметнати безочни кулуци од страна на силната и безмилосна отоманска чизма.Воени времиња,на опожарување и пустошење на села и градови,семејни домови,цркви и манастири.Добра поука,порака и силна потврда за да се знае,памети и пренесува,од род на род,дека само со таквите,од тие времиња,саможртвени и бестрашни македонски синови и ќерки,треба да го бараме и наоѓаме олицетворението на вистинските македонски синови и ќерки со херојски срца,од родот наш,од родот Филипов, Александров, Јустинијанов, Самоилов, Светикирилметодиевски,Светиклиментнаумовски,Гоцеделчевскиот,Доситеевскиот и уште многу други знајни и незнајни херои-овенчани со ореолот на вечна чест и слава.
Ако ги немавме нив,прашање е дали ќе не имаше нас.Градеа цркви и манастири,зашто знаеа дека тие ќе бидат најсилните и вечни чувари и жаришта за опстој на родот наш македонски.Тие искрено и силно верувале во вистината дека Библијска Македонија за Македонецот е неговиот организам-неговото тело,а неговата душа е неговата мајка света Црква-древната и славна Охридска Архиепископија,со апостолско преемство,а денес е олицетворена во МПЦ,по нејзината обнова во самостојна во 1958 година,и во автокефална во 1967 година.
Не случајно,браќа и сестри,нашите предсвештеници посакале храмот да го посветат во чест на големите славни наши просветители,учители и молитвеници-рамноапостолите светите Кирил и Методиј.Тие се родоначалници на нашата семакедонска и сесловенска писменост,просвета,култура и христијанизираност.Нивното животворено тело и дух сме сите ние-еднородните по дух и крв Македонци-каде и да сме и од кое катче да сме од родна и мила Македонија.
Дај Боже,преку молитвите на нашите светии,Господ да не удостои да дочекаме уште многу вакви и слични радосни јубилеји,со уште поголеми остварувања.Амин!



Илинденски темели во Тетово 100 години на храмот св.св.Кирил и Методиј
Дел од свечаноста по повод 100 години од соборниот храм св.св. Кирил и Методиј - Тетово Дел од свечаноста по повод 100 години од...

На 8 декември 2003 година,на денот во кој Македонската Православна Црква го прославува својот патрон-Свети Климент Охридски,Полошко-Кумановска Епархија организираше пригодна свеченост во Соборниот храм Свети Кирил и Методиј во Тетово,посветена на 100 годишнината од отпочнувањето со градбата,како и негово целосно обновување(1903-2003 година).

Во преполниот храм со верници, свеченоста започна со Божествена Литургија,богослужена од надлежниот Архиереј, Митрополитот Господин Кирил, заедно со Митрополитот Брегалнички Господин Агатангел и повеќе архимандрити,свештеници и ѓакони.На литургијата настапи и женскиот реномиран хор Менада од Тетово,под диригентство на г-дин Маестро Ивица Зориќ кој што даде дополнителен белег на оваа свеченост.
По завршувањето на Литургијата,пригодно слово за Јубилејот произнесе Митрополитот Г-дин Кирил,во кое на силен начин ја нагласи желбата на Македонскиот народ за своја црковна и национална независност,манифестирана и преку изградбата на овој прекрасен Божји дом,во пазувите на градот Тетово,кој почетокот на својата градба ја има во годината на славниот Илинден и Крушевската епопеја во 1903-та година.Потоа,Митрополитот Г-дин Кирил им додели Благодарници на сите даритрли и донатори,кои со својата несебична помош и доброволни прилози придонесоа за велелепието на оваа прекрасна Христова невеста.

08.12.2003 година,Тетово
Прота-ставрофор Мирко Станковски



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved