Make your own free website on Tripod.com
МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Житија на светители
Свети Апостоли Петар и Павле
Свети Апостоли Петар и Павле
Свети Апостоли Петар и Павле
Свети Апостоли Петар и Павле

Свети апостол Петар е роден во Витсаида на брегот на Галилејското езеро. Вистинското име му било Симон, а Господ Христос го нарекол Кифа, што на грчки јазик значи Петар, а на наш јазик камен, сакајќи со тоа да каже дека на Петровата вера ќе ја соѕида својата црква. Свети апостол Петар бил син Јонин, брат на првоповиканиот Андреј и поради тоа го викале син Јонин.
Свети Петар бил нераздвоен ученик на Господа Христа и бил на гората Тавор за време на Преображението и за време на воскресението на Јаировата ќерка. Еднаш Господ Христос го прашал Свети апостол Петар: "Што велат луѓето, кој сум Јас?" Свети Петар одговорил: "Некои велат дека си Илија, дека си Еремија или некој од старите пророци". "А што мислиш ти, кој сум Јас?" Свети Петар му одговорил: "Ти си Христос,

Син на живиот Бог". На тоа Господ Христос му одговорил дека такво нешто тој неможел да измисли, туку Отецот небески тоа му соопштил и тогаш Господ Христос го нарекол Петар и му рекол дека ќе му ги даде клучевите од царството небесно и што ќе сврзе на земјата ќе биде врзано на небесата и што ќе разреши на земјата ќе биде и на небото разврзано .
После Христовото Вознесение на Петровиот предлог со ждребка бил избран Свети Матеј за апостол наместо предавникот Јуда, кој се обесил. По слегувањето на Светиот Дух Свети апостол Петар ја изговорил прочуената проповед каде три илјади луѓе ја примиле Христовата вера. Така настанала првата христијанска заедница. После некое време Свети апостол Петар во Христовото име исцелил еден сакат човек и уште пет илјади луѓе преминале во Христијанството.
Веднаш после Христовата смрт и Вознесението отпочнало гонењето на христијаните и тоа гонење траело повеќе од тристотини години. Царевиот намесник Ирод, управникот на Галилеја го погубил апостолот Јаков, братот Јованов и со поттик од Евреите заповедал да го фатат и Свети апостол Петар и да го фрлат во затвор. Таму бил окован помеѓу двајца војници и ноќта наспроти изведувањето на суд, засветлил целиот затвор и ангелот Господов го разбудил и му рекол:"Стани обуј се и појди со мене". Свети Петар станал оковите му паднале од нозете и пошол со ангелот. Војниците спиеле како мртви и ангелот го провел покрај стражата и кога дошле до железната градска врата таа сама се отворила и така Свети апостол Петар се ослободил од заточеништвото. После тоа Свети Петар бил на проповед во Палестина, Сирија, Мала Азија, Антиохија и Рим. Во градот Лидија исцелил болен Енеј кој осум години бил болен, а во Јопија ја оживеал мртвата Тавита. Во Кесарија го преобратил во христијанство капетанот Корнелиј, кој бил римски чиновник, а во Антиохија ја управувал црквата како епископ седум години, каде оние кои верувале во Господа Христа прв пат се нарекле христијани, а дотогаш се викале браќа.
Кога прв пат дошол во Рим со него бил и Свети апостол Павле. Втор пат под старост, Свети Петар дошол во Рим каде тогаш владеел злогласниот Нерон: и на 29 јуни 67 година или 69 како сметаат други го извеле Свети апостол Петар од затвор да го распнат на крст. Сметајќи дека не е достоен да умре со онаква смрт, со која умрел Господ Христос, Свети Петар ги замолил мачителите да го распнат со главата надолу што тие тоа и го сториле. И така Свети апостол Петар бил распнат во истиот ден кога и Свети апостол Павле недалеку од Рим бил погубен.

И Свети апостол Петар и Павле се празнуваат во ист ден на 12 јули(или 29 јуни) по стар јулијански календар.

Светиот Апостол Павле наспроти Светиот Апостол Петар бил многу учен човек и бил фарисеј. Се родил во градот Тарс и потекнувал од родот Венијаминов.
Од родителите бил испратен во Ерусалим да го изучи Мојсиевиот Закон. Во светиот град негов учител бил прочуениот Гамалил.
Светиот апостол Павле пред апостолството се нарекувал Савле. Тое еврејско име значи-Испросен.
Во исто време кога светите Апостоли ја ширеле христијанската наука, христијаните жестоко ги гонел Савле кој влегувал во куќите на верниците, ги врзувал луѓето и ги водел во затвор. Непрестанувајќи да ги гони Христијаните тој пошол во градот Дамаск. На патот одеднаш го засенила светлост од небото. Паѓајќи на земјата слушнал глас кој говори:"Савле, Савле, зошто ме гониш". А тој запрепастен прашал:"Кој си Господине?" - Господ му рече: "Јас сим Исус Кого го гониш ти". Тресејќи се од страв прашал:"Господи што сакаш да направам?" А Господ му рече:"Оди во Дамаск" Во тој момент ослепел.
Пред градската порта на Дамаск Бог ја пренасочил неговата огнена ревност во спротивна насока: Да се бори за она што претходно го рушел и така да им го објави Светото Евангелие на незнабожците.
Во градот по три дена на чудесен начин прогледал и се крстил. Станувајќи се крстил и се исполнил со Светиот Дух, кој го поставил на Апостолска служба. И името од Савле го променил во Павле. И веднаш почнал да проповеда по синагогите за Христа дека Тој е Син Божји.
Поминувајќи ги незнабожечките земји и просветлувајќи ги со светлоста на Светата вера, гледајќи го својот страдалнички крај Светиот Апостол Павле се вратил во Рим. Поради проповедтта за Господа Христа царот Нерон го казнил Апостол Павле како римски граѓанин со пресечување на главата.
Кога неговата чесна глава била отсечена од раните истекло крв со млеко. Потоа Христијаните го зеле неговото свето тело и го положиле во едно место заедно со Светиот Апостол Петар. Така починал избраниот сад Христов, учител на народот, вселенски проповедник, голем подвижник и страдалник Свети Апостол Павле.
Тој напишал 14 посланија до првите христијански општини.
Црквата го прославува светиот Апостол Павле како вселенски учител кој го просветувал западниот мрак. Црквата во Свети Петар ја гледа сликата на оној што се одкажа и покаја, а во Свети Павле ја гледа сликата на оној што се противеше на Господовата проповед и потоа поверува.
Благодатта Божја прави двајцата Апостоли да станат сосема духовни личности, слични на Спасителот. Така и едниот и другиот можат да речат за себе:"Не живеам јас, но во мене Христос живее".АМИН!



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved