МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Штети и разурнувања
на православните светилишта во Тетовско
Штети и разурнувања на православните светилишта во Тетовско
Разурнати и оштетени манастири Оштетениот манастир на Тетовското кале

За утврдување на штетите на православните светилишта предизвикани од терористичките акти на албанските паравоени и терористички орди во вооружениот конфликт во 2001 година, во почетокот на 2002 година беше формирана стручна екипа од тетовското архијерејско намесништво. Оваа стручна екипа, во рамки на една поширика комисија за истата намена,составена од овластени претставници на Судот, на

Јавното обвинителство,на Министерството за внатрешни работи и претставник на ОБСЕ мисијата, ги посети во текот на февруари 2002 година населените места зафатени со вооружениот конфликт и направи увид на состојбата на православните светилишта, регистрирајќи ги предизвиканите оштетувања на истите.
Резултатите од комисиските наоди за видот и обемот на штетите и разурнувањата на црквите и манастирите во Долни Полог во вооружениот конфликт во 2001 година се дадени во приложениот преглед.

П Р Е Г Л Е Д
на штети и разурнувања на цркви и манастири од
ТЕТОВСКОТО АРХИЈЕРЕЈСКО НАМЕСНИШТВО


Втора тетовска парохија – црква "свети свети Кирил и Методиј" Тетово

Трета тетовска парохија – црква "Света Богородица" Тетово

Четворта тетовска парохија – црква "Свети Никола" Тетово

Теаеречка парохија

Вратничка парохија

Втора тетовска парохија – црква "свети свети Кирил и Методиј" Тетово

Оштетувања на
манастирска црква "Света Богородица" во село Џепчиште

Извршено е насилно влегување во манстирската црква "Света Богородица" од страна на албанските терористи, при што во олтарот се расфрлани црквоните утвари и е обесветен Светиот престол.

Оштетувања на
црквата "Свети Кузман и Дамјан" во село Једоарце

При влегувањето првиот впечаток е дека црквата е растурена, ограбена и делумно уништена. Православното христијанско светилиште е осквернавено. На подот на црквата се гледаат искршени и расфрлани помали икони и опрема, свеќник, растурени безброј свеќи и остатоци од црковната документација
Нанесена е голема штета на градежната опрема и инвентарот, а најзначајна е штетата нанесена врз црквата која пред сe е оскрнавена и ограбена при што се однесени вредни црковни предмети и икони кои датираат од постар период и се со трајна историска и уметничка вредност.
Од пописот на оштетувањата не можат да се занемарат следните:
Влезната врата е обиена и делумно оштетена и опожарена.Искршени се стаклата на прозорците. На плафонската конструкција се видливи оштетувања на малтерот и напукнувања на ѕидот.
Искршена и уништена е певницата и пангарот за свеќи.
На ѕидот фреската "Свети Никола" е значително оштетена со тврд предмет.
Од уништената икона "Тајната вечера" има само остатоци.
На иконостасот се видливи траги на вандалско уништување и на обид за негово уривање; искршен е и паднат крстот од иконостасот со расфрлани остатоци по целата црква; Светите двери се искршени и расфрлани по црквата; уништени се дел од иконите на иконостасот; сите помали икони се расфрлани и уништени, а некои и ги нема; лустерите на иконостасот и полиелејот се искршени.
Во Светиот олтар престолната плоча е превртена. Светите сосуди се уништени и украдени. Недостасува комплет на црвена плишана одежда. Исто така недостасуваат и богослужбени црковни книги.
Во кругот на црковниот двор оскрнавени се неколку надгробни споменици.

Оштетувања на
црквата "Свети Ѓорѓи" во село Отуње

Во самата црква е влезено насилно со кршење на вратата. На вратата пред влезот во црквата скршена е мермерната плоча со година на градба на црквата. Пукано е со оружје на таванскиот дел со видни оштетувања на плафонот. Електричната инсталација е целосно оштетена и одземен е струјомерот.
Сите четири столба внатре се оштетени, а на двата столба веднаш до влезната врата во црквата оштетени се лежиштето за икони. Уништени се дрвените седишта за седење на стари и изнемоштени лица при Светите богослужби. Целосно се уништени два шандани за свеќи, аналогијата со намена за поставување на икони, купелот за крштевање на деца.
Најголеми и непоправливи штети и вандалски уништувања се направрни на самиот свето-црковен ентериер на црквата, и тоа:
Има видливи оштетувања на фреските кои се на ѕидовите на црквата.
Иконостасот целосно е оштетен, недостасуваат двете царски двери (врати) а над светите двери иконостасот е оштетен од куршуми. Над иконостасот целосно е оштетен крстот од огнено оружје. Кандилата кои стојат на иконостасот, вкупно 7, ги нема. На делот од иконостасот со Светите апостоли, на горниот дел од олтарот гледано од влезот на црквата десно, ги нема двете икони. Оштетени се следните мали икони: "Света Богородица", "Воскресение Христово", "Свети апостоли Петар и Павле" и "Свети Јован Крстител". Целосно е оштетена и искината иконата на Господ Исус Христос во платно. Сечењата се со траги од нож. Извадени се и оштетени следните икони: "Света Богородица", на четири места е пресечена со секира; "Свети Ѓорѓи", оштетена со секира на едно место; "Свети Јован Крстител", со мали оштетувања.
Во олтарскиот дел на црквата оштетен е Светиот Престол и недостасува Светиот Антиминс, а над фреската "Света Богородица-Ширшаја Небес" има повеќе отвори во ѕидот од испукани куршуми. Оштетен е целосно и кристалниот лустер во олтарот. Сите четири оштетени икони се на лице место во олтарот.
Во дрвениот сандак во олтарот недостасуваат црковни одежди и стара црковна литература. Масата за свеќи и сите свеќи се растурени, однесени или уништени.
Во трпезаријата скршени се сите прозорци, растурен е сиот прибор за јадење и недостасува ТВ приемник.

Оштетувања на
црквата "Света Богородица" во село Сетоле

Од дивеењето на албанските терористи црквата е насилно отворена, осквернавена, ограбена и демолирана. Во црквата "Света Богородица" во с. Сетоле се причинетите сериозни оштетувања коишто овој сакрален објект го прават неупотреблив. Прегледот на евидентираните оштетувања сам по себе доволно кажува.
Во дворниот дел има остатоци од искршени клупи кои биле во дворот. Искршена е и обиена влезната метална врата на камбанаријата, откачено и фрлено е едното ѕвоно.
Влезната врата во црквата е обиена и делумно оштетена. Од градежен аспект се испокршени прозорите, направени се оштетувања на електро инсталацијата и на малтерот.
Во црковната трпезарија има оштетувања од градежен аспект, а посебно е уништена опремата и инвентарот.
Сето претходно наведено е речиси незначително во однос на вандалските и ненадоместливи штети направени во самата црква на црковните уметнички и реликвиски предмети. Црквата во полна смисла на зборот е демолирана.
Видливи се оштетувањата на столбовите од удари со остри и тврди предмети. Плафонската конструкција на поедини места делумно е оштетена.
На подот теписите на поедини места се уништени и оштетени од ѓубре, кал и разни маснотии.
Искршена е масата за свеќи, превртени и искршени се певниците.
Во пронаосот е рафрлана комплетната црковна архива И документи. Испокршени се и уништени долапите под скалите во кои се чувале одежди, свеќи и други црковни предмети.
Во наосот оштетени или уништени се сите дрвени предмети заедно со владичкиот престол, клупите и седиштата.
Расфрлани се и уништени сите помали икони во црквата. Во наосот иконите имаат помали гребнатини и оштетувања. Траги од рамки и стакло, како и фрагменти од уништени и испокинати икони има по целиот под.
На поедини места дрвените скали за на галеријата кршени се со остри и тешки предмети. На самата галерија главно сe е искршено: столиците за хорот, плакарот со документи, кои се уништени и расфрлани на подот од црквата.
Иконостасот кој има уметничка и историска вредност и е дел од културното наследство е многу оштетен. Царските двери се искршени и трајно оштетени и истите се фрлени на подот од црквата. Поголемиот дел од средниот ред на икони се избиени од иконостасот и се оштетени, има и искршени и расфрлани остатоци од нив по подот. Некои икони се на иконостасот, но сите имаат помали или поголеми оштетувања. Горниот ред на икони главно се на иконостасот, но поедини се удрени или оштетени во обид за рушење на иконостасот. Искршен е крстот и иконите лево и десно од него. Кандилата на иконостасот се насилно извадени и ги нема, додека лустерите како и полиелејот се уништени. Парчињата на иконите се расфрлани по подот.
Во Светиот олтар е откорната мермерната плоча на Светиот престол и е фрлена во непосредна близина на столбот. Фреските во олтарот се трајно оштетени, а оштетувањата главно се лоцирани на ликовите на светителите. Поголемиот дел од Светите сосуди се расфрлени, а останатите ги нема.
Црковните одежди се украдени. Дел од библиотеката и служебните црковни книги се расфрлени, изгорени, а некои и недостасуваат.

Оштетувања на
црквата "Свети Архангел Михаил" во село Непроштено

Забележливи се значителни оштетувања на покривната конструкција на црквата од детонација.
Видливи се оштетувања на малтерот на ѕидовите со слаби напукнувања на плафонот во трпезаријата.
На двете влезни врати се искршени стаклата и сите прозорци во трпезарија.
Од трпезаријата е однесен дел од инвентарот.

Оштетувања на
манастирската црква "Свети Ѓорѓи" во село Непроштено

Во дворот се исечени повеќе стари дабови дрва.
Влезната врата е обиена и лесно оштетена. Има видни оштетувања и на електроинсталацијата. Видливи се траги од пукање на ѕидовите од црквата.
Во внатрешноста на црквата недостасува целокупниот прибор за причестување, богослужбената одежда, престолниот крст, повеќе мали шандани, Свето Евангелие, повеќе богослужбени книги.
Трпезаријата беше целосно демолирана и оштетена од повеќе куршуми. Кујнскиот инвентар целосно е уништен и е украдена платнената церада пред влезот на трпезаријата.

Трета тетовска парохија-црква "Света Богородица" Тетово

Оштетувања на
манастирот "Свети Ѓорѓи" село Мала Речица

Со почетокот на атаците на албанските терористички банди, во март 2001 година манастирот во неколку наврати е оштетуван. На 8 декември 2001 година, во доцните вечерни часови, во манастирот е подметнат пожар, спроти празничниот ден "Свети Великомаченик Ѓорѓи Победоносец" и на денот кога Македонската Православна Црква и македонскиот народ го одбележуваше патронниот празник на покровителот на црквата и народот, Свети Климент Охридски-Чудотворец.
Пред опожарувањето црквата и конаците се ограбени и целосно демолирани. Во пожарот изгорени се иконите, уништени фреските и целиот фрескоживопис, иконостасот како и сите црковни предмети и утвари. Конаците при првиот пожар се само ограбени. Тие се опожарени наредниот ден во неделата, но пожарот е спречен со интервенција на пожарникарите, така што оштетувањата се значителни, но не и целосни. Оштетена е столаријата, а на дрвените делови на кровната конструкција има локални оштетувања. Порадите лошите временски услови и неможноста за интервенција штетите можат да бидат мултиплицирани. Уништена е целата опрема и инвентар. Огнената стихија ги има уништено и помошните простории, изгорена е кујната, игуменската соба како и летната кујна со визбата. Во пламената стихијата уништени се и конструктивните елементи на објектот. Украдена или изгорена е целата опрема и инвентар.
Манастирот "Свети Великомаченик Ѓорѓи Победоносец" бил еднобродна базилика со централна купола и надворешни пиластри. Имало уште една купола во олтарскиот дел на кој бил поставен крстот. Ѕидовите биле од камен, а папертата била ѕидана во керамички блок.
По опожарувањето на црквата се останати само ѕидовите така што внатрешноста е целосно уништена. Во делот на папертата (влезниот дел од западната страна) уништени се или украдени стари икони од непроценлива вредност кои датираат од XVII век. Целосно се уништени фреските, иконостасот, царските двери кои биле во резба, црковни предмети од непроценливо значење, повеќе стари икони од разни светители и повеќе вредни богослужбени книги. Бродот на црквата бил комплетно фрескоживописан како и куполата во неа. Од пламената стихија сега се останати само голи поцрнети ѕидови. Во олтарниот дел уништен е во целост Светиот престол кој е вграден во апсидниот дел на олтарот.
Општ впечаток е дека манастирот во селото Мала Речица е изгорен и потполно уништен. Ова е злосторство врз цивилизацијата воопшто, тоа е чин за којшто нема оправдување и е сведоштво дека и во новиот милениум и по 2000 години од христијанството сe уште има човечки битија кои не можат да бидат дел од цивилизациските текови на човештвото.
Црковните светилишта паметат многу разурнувања, но и возобновувања што им дава уште поголема светост, како и обврска кон минатото и долг кон иднината за возобновување со уште поголем сјај. Секое разурнување, палење, ограбување е напротив уште поголема обврска на сите верници за обновување на светилиштата како доказ за сопственото цивилизациско постоење. Доказ за културата и духовноста на еден народ , на неколкуте нешта што не се купуваат со пари и не се стекнуваат со насилство и грабеж, а напротив со вековен труд, работа и трпеливост.

Четворта тетовска парохија-црква "Свети Никола" Тетово

Оштетувања на
манастирската црква "Свети Атанасиј", Балтепе- Тетово

Денешната состојба на црквата е многу лоша, како резултат од силните детонации на коишто била изложена, но и од причини, што пред овие настани, црквата почнала да тоне, за која цел бил изграден потпорен ѕид.
Ѕидовите на јужната и источна фасада претрпеле сериозни оштетувања при престрелките и се издупчени како решето. Ова се однесува на ѕидната маса, на делови околу прозорските рамки, како и на фасадната обработка, каде има отпаднати венци-завршетоци. Внатре во ентериерот на црквата постојат повеќе напукнувања долж јужниот и северниот ѕид, на висина од 0,80 м. од подот. Целосно земено, фасадните ѕидови се комплетно уништени и разнишани од силните детонации.
Делот од покривната конструкција е урнат при гранатирањето со пречник од два метри и предизвикано е непречено таложење на атмосферските води непосредно внатре во црквата, а како резултат на ова е појавата на "стомак" во подната конструкција, која е во паркет на асфалтен премаз во централниот дел на нартексот во висина од 60 см. како и по ѕидните површини со навлегување на вода во фрескоживописот. Видливи се на повеќе места напукнувања на сводната површина како и над надвратникот.
Целосно земено, објектот конструктивно е нестабилен и во оваа состојба при поголеми механички и атмосферски влијанија, подложен е на паѓање, пред сe на кровната конструкција, а со тоа и на негово понатамошно уништување.
Вертикалните напукнувања по аглите на ѕидовите, предизвикале искосување на ѕидовите кон надвор и со тоа и напукнување на внатрешниот малтер и оштетување на фрескоживописот кој е етапно изведен. Црквата е живописувана во повеќе фази, етапно, од времето на нејзиното градење до денешните денови. Како последица од воените дејствија на фрескоживописот видливи се големи оштетувања како од непосредни механички така и од посредни атмосферски влијанија. Цели партии на живопис се отпаднати и постоеше опасност целиот живопис да биде уништен.
Оштетувањата на иконостасот се од помали размери, при што недостасуваат повеќе икони, но поради незаштитеност од врнежИ на внатршноста од црквата и големото количество на влага истиот е доведен во опасност да биде потполно уништен.
Целосно се уништени црковниот инвентар и електричната инсталација.
Манастирската црква е сместена во археолошки локалитет-крепост Балтепе и е споменик на културата заштитен со закон.

Оштетувања на
на црквата "Свети ЃорЃија" во село Лафце

Од надворешниот увид утврдени се оштетувања на фасадата од проектил на огнено оружје, скршени се стаклата од прозорците и оштетен е кровот. Бидејќи влезната врата беше заклучена, преку прозорецот беше утврдено дека внатрешниот дел во црквата нема оштетувања. Во близина на црквата пред неколку години е изградена нова трпезарија. Од воените дејствија и таа е оштетена. Со проектили оштетени се: фасадата, речиси целосно е оштетен кровот, а бетонската плоча оштетена е од граната.

Оштетувања на
"Свети Никола" во село Долна Лешница

Во 2001 година албанските терористи ја осквернавија покрај другите и оваа света црква. Сериозно се оштетени фрескоживописот и иконостасот.
Оштетени се и неколку надгробни споменици на православните гробишта кои се наоѓаат во црковното двориште.

Теаречка парохија

Оштетувања на
црква "Свети Атанасиј" - стар Лешочки манастир

При комисиската посета на ова древно светилиште на 15.2.2002 година, речиси една година од почетокот на дивеењето на албанските терористички банди, претставниците во комисијата беа вџашени и вчудоневидени од страшната глетка на вандалистичко пустошење, сторено од албанските терористи, особено во внатрешноста на црквата, а најмногу во олтарскиот дел каде што се е испокршено, па дури и саркофазите на некогашните манастирски свештенослужители, а не беше поштеден ниту гробот на монахот Теодорит. Со ваквите срамни посегања по најсветото нешто во православието сторителите сами се изопштуваат од цивилизациските норми и текови, независно од лукавата пропаганда на нивните духовни ментори од злосториците да промовираат некакви "борци за човекови права". Во текот на изминатите месеци албанските терористи во дворот на манастирската црква ископале ровови-пушкарници и поставиле поголем број на вреќи со песок, од тука да пукаат на невооруженото македонско население. Без срам за стореното, идентитетот на новите вандали и балкански Талибанци е "овековечен" преку со големи букви испишаните со жолта и црвеникава боја ознаки на УЧК, почнувајќи од влезот на древната црква па се до внатрешноста на Светиот олтар.

Оштетувања на
манастирската црква "Света Богородица" во село Лешок

Оваа црква, уште еден споменик на културата, не беше поштедена од страна на албанските терористи. Оштетувањата се направени на прозорите на јужната страна надворешно како резултат на неуспешен обид на обивање. Истите се со искршени стакла и оштетувања на крилата и заштитната мрежа. Надворешната влезна врата во олтарот (врата со димензии 85/150 см. масивна дрвена, обложена со лим и кована) е обиена со видни оштетувања на штокот и крилото на вратата, вандалски растурена. Во олтарниот дел е разбиено и отворено ковчежето во кое имало црковни одежди и Свето Евангелие со позлатени корици. Светото Евангелие е украдено, а одеждите се уништени, расфрлани и изгазени. Малиот полиелеј е искршен, уништен. На фрескоживописот и иконостасот нема оштетувања и нема украдени икони.

Оштетувања на
манастирскиот комплекс – Лешок

Манастирска црква "Свети Атанасиј" беше минирана и целосно уништена на 21.8.2001 година во утринските часови. Со ова уривање до темели уште еднаш се потврди дека историјата на селото Лешок и на Лешочкиот манастир се повторува.
Според кажувањата на селаните, оваа црква ја урнале околните муслимански Албанци. Злосторниците посегнаа по она што е најсвето. Црквата е разрушена до темел со минирање. Останат е само нартексот од западниот дел и скоро целиот западен ѕид од наосот. Двете куполи на нартексот се останати, при што на јужната купола се видливи конструктивни пукнатини. Од експлозијата е уништено сe, освен неколку фрески на светители на неразрушените ѕидови. Штетата е непроценлива.
Од експлозијата оштетени се и манастирските конаци кои се изградени во XIX век од еромонахот Езекил. Конаците претходно се неколкупати поправани и санирани, а целосна санација е извршена во периодот од 1993 година до 1996 година. Како резултат на експлозијата настанати се значителни оштетувања на кровната конструкција и фасадата. Од пробивања на кровната и плафонската конструкција со тврди предмети на повеќе места се оштетени плафонската констрикција, кровниот покривач и дел од лимаријата. Поголеми оштетувањата се забележливи на прозорците, искршени се стаклата и руинирани се цели прозорци.
Просториите во приземјето и на катот од конаците биле мета на дивеењето на терористичките банди и истите се значително оштетени, особено градежната столарија. Поединечно има оштетувања од куршуми и на малтерот од внатрешните простории. Подрумските простории се исто така обиени, влезната врата е оштетена.
Извршено е ограбување на сите вредните работи од конаците, меѓу кои и предмети од историска вредност.
Капелата посветена во чест на Свети Кирил и Методиј во манастирскиот конак е обиена, покрадена и има оштетувања од детонацијата на малтерот на плафонот. Забележителни се и оштетувањата на фрескоживопист. Полиелејот е искршен и неупотреблив и има оштетени четири престолни икони, а украдени се комплет дарците во светиот жртвеник.
Во кругот на манастирското двориште е оштетен гробот на архимандритот Силвестер. Искршена е на вандалски начин надгробната плоча, со неуспешен обид да се изврши есхумација, најверојатно во потрага по златни и други вредни предмети.
Албанските терористи не го поштедија ни гробот на јеромонахот Кирил Пејчиновиќ, и покрај тоа што за сите религии гробното место е свето. Надгробната плоча е подигната и вандалски фрлена и искршена непосредно до гробот. Од јужната страна е направен обид за раскопување по цела должина на гробот, со цел да се обезбеди пристап до внатрешноста. Обидот завршил неуспешно. Во гробот е падната земја и други предмети при кршењето и копањето. Има забележителни траги на удари со тврди предмети во внатрешноста на гробот.
Не е поштедена ниту новата летна трпезарија. Таа е обиена и покрадена. Однесени се сите предмети со позначителна употребна вредност. Недостасува и дел од опремата за приготвување на храна. За првпат по 77 години откако е изградена манастирската црква "Свети Атанасиј", патрониот ден на ова духовно светилиште 28 август, во 2001 година беше прославен со солзи, наместо со зурли и тапани. Трагедијата е преголема за да биде поинаку. Лешочкиот манастир во којшто сe уште се чуваат моштите на македонскиот преродбеник Кирил Пејчиновиќ, е претворен во урнатина. Но, и покрај сe, тоа не се само обичен куп разурнати камења. Секое па и најмало делче, најситно парче од светите предмети и книги, од најискршените икони и фрески, дише и зрачи со дух и вера која тешко може да исчезне, да се крене во воздух. Сите оние што дојдоа на патрониот ден, да им оддадат почит на Пресвета Богородица и Свети Атанасиј, да запалат свеќи, да се исплачат, да му пркосат на злото и теророт, го видоа и почувствуваа ова.
Верниот народ и покрај сите перипетии, зеде по нешто, нешто што нема никаква практична употреба, а останало како дел од местото кое до неодамна го нарекуваше свој дом, да го стивне бесот и болката. Некои ги завиткуваа искршоците во крпи и ги земаа со себе деловите од она што некогаш било фасада или фреска од свет храм, другите ги бакнуваа урнатините клекнати на колена, трети ги бришеа солзите од жал и јад.

Оштетувања на
цркви и спомен обележја во село Слатина

Во 2001 година албанските терористи ја запалија црквата "Свети Никола" во село Слатино. Комисискиот увид во февруари 2002 година само ја потврди општата констатација дека црквата целосно е уништена, заедно со фреските и иконите кои се дело на академскиот сликар Александар Настоски. Од подметнатиот пожар кровот на црквата беше целосно срушен, натре на подот од црквата се наоѓаа разрушени керамиди. Влезната дрвена врата целосно беше изгорена. Иконостасот целосно е опожарен заедно со иконите, а во олтарот е разурнат светиот престол. Уништена е целата електрична инсталација. Ентериерот на црквата е однесен, а тоа што останало е демолирано и неупотребливо.
Од уништувања не беше поштедена ниту црковната трпезарија каде се искршени сите прозорци и комплетно е уништена целата столарија.
Една година по започнувањето на вооружениот конфликт, на 12.3.2002 година во селото биле оштетени и осквернавени поголем број православни гробови од страна на толпа вооружени лица од албанска националност. Во заднината на овој неосамен вандалски чин е стратегијата на големоалбанскиот национализам, преку постојани загрози и атаци врз македонското население да се забрза целосната албанизација и на ова село.

Оштетувања на
црковни и станбени објекти во село Варвара

Комисијата за евидентирање на направените штети на православните светилишта, во текот на фефруари 2002 година беше вчудоневидена од морничавата глетката на ова село. Уништени и демолирани беа куќите, а некои изгорени до темел од страна на албанските терористи. Повредните работи ги украле, а другите ги уништиле. Во сите куќи биле искршени струјомерите и демолирани вратите и прозорците, ѕидовите испишани со ознаката "УЧК". Последната куќа, на крајот од селото, ОНА ја користеле како затвор.
Од варварско уништување не е поштедена ниту црквата "Света Петка". Прозорците на неа се целосно уништени. Оштетена е влезната врата при обивањето. Однесен е централниот полиелеј. Во светиот олтар, плочата од светиот жртвеник беше фрлена на под, а во средината каде постојат свети мошти, обидено е со нож да се откопа восокот за да се обесвети црквата. Недостасуваат повеќе црковни садови кои се потребни за вршење на свети богослужби, однесена е целата богослужбена литература, како и еден комплет на црковна одежда. Внатрешноста на црковната зграда е претворена во пустош од искршен инвентар, превртени клупи и столици.

Уништувања на цркви во село Брезно

На 2 јули 2001 година, беше убиен првиот цивил од селото Брезно Борис Магденовски. Тој беше убиен од зад грб од страна на албанските терористи. Починатиот заедно со повеќе селани од Брезно биле натерани да клекнат на коленици среде село, но бидејќи тој бил наглув и не ја чул наредбата, по што одекнале неколку рафални истрели и тој паднал мртов на земјата. Тој беше првата жртва од цивилите Македонци. Неговите соселани не смееле да се завртат за да видат кога тој умирал. На тој ден Македонците од селото Брезно беа присилени да клекнат на коленици пред крвниците кои им порачале дека за нив нема назад враќање, дека тука е веќе Албанија.
Од разурнувачко дивеење опустошени се црквата "Света Богородица" и манастирската црква "Свети Илија". Во црквата "Света Богородица" иконостасот и иконите на него беа целосно уништени, а останатите икони оштетени и расфрлани по подот, повеќето од нив уништени. Се забележуваа остатоци од подметнат пожар на подот и при тоа беа изгорени повеќе вредни црковни предмети. Внатре беше направен вистински пустош. Комплетно се уништени целата столарија и електричната инсталација, прозорците од црквата се испокршени Ентериерот е однесен, а тоа што останало е демолирано и неупотребливо. Беа искршени и превртени масите за свеќИ, значителен број на свеќи расфрлени и уништени. Црковната документација е искината и расфрлена на подот. Во трпезаријата во близина на црквата сите прозорци се искршени, а на таванот има два отвора од проектили.
Во манастирската црква "Свети Илија" беа забележани оштетувања на внатрешниот дел и тоа: влезната врата е искршена, фреските се изгребани и оштетени, врз нив е испишано "УЧК", особено во олтарскиот дел на фреската "Ширшаја Небес". Целосно е изгорена манастирската трпезарија и целиот инвентар во неа.

Оштетувања на
црквата "Свети Јован Богослов" во село Оутшиште

На црквата "Свети Јован Богослов" се предизвикани поголем број оштетувања, меѓу кои се повпечатливи: откорнат е крстот од врвотна црковниот објект; името на светителот над влезот е избришано; во внатрешноста на објектот има поголеми траги и штети од опожарувања на столаријата и инвентарот; од ѕидовите се однесени сите икони.
На надворешните, но и врз внатрешните ѕидови е исцртан традиционалниот албански симбол-двоглав орел, а на повеќе места се испишани ознаките "АНА" и паролата "Овде нема место за Македонија".
На 20 мај 2003 година после три години свештениците од Тетовското архиерејско намесништво извршија водосвет и режење на славскиот колач во присуство на повеќе верници од селото, во атмосфера на непреболени штети и насилства, но и на оддаденост на родот и верата татковска.

Вратничка парохија

Оштетувања на
црквата "Света Богородица" во село Јелошник

Црквата "Света Богородица" во село Јелошник е насилно обиена, осквернавена, ограбена со штета од непроценлива вредност и со нанесени оштетувања на фрескоживописот од траен карактер. Папертата е демолирана и ограбена. Во бродот на црквата, освен она што е ограбено И однесено се расфрлано и всушност уништено скоро сe. Искршени се прозорците, растурени и уништени се столиците за стари лица кои датираат од постар период. Украдени се старите рипиди со крстови и мали стихари. Уништени се шанданите, певниците, кандилата, полиелејот, аналогијата, расфрлани се безброј свеќи. Има големи оштетувања на фрескоживописот, посебно на плафонот каде има и руиниран и паднат плафонски малтер со фрескоживопис. Иконостасот е оштетен и се однесени иконите од непроценлива вредност и убавина. Олтарскиот дел е комплетно демолиран, светиот престол искршен и фрлен на подот. Трпезарискиот дел е обиен, со испокршени прозорци и покрадена опрема и инвентар. Она што не можело да се понесе е уништено. Има оштетувања по кровната конструкција како и на малтерот на фасадата и внатрешноста. Пред демолираната влезна врата избиени се од лежиштата мермерните плочи со натписи. Уништена е и однесена црковната литература.

Оштетувања на
црквата "Свети Спас" во село Јелошник

Во оваа црквата посветена на Вознесението Христово, која е од понов датум и се тште во изградба забележани се следните оштетувања: скршени се сите прозорци; внатре во црквата е подметнат пожар од страна на албанските терористички банди и ѕидовите се поцрнети од чадот.

Оштетувања во
црквата "Свети Никола" во село Доброште

Во црквата "Свети Никола" во село Доброште забележани се видливи оштетувања на фасадата и на неколку места има испишано графити со ознаки на "УЧК".




Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved