МАКЕДОНСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА - ПОЛОШКО КУМАНОВСКА ЕПАРХИЈА
ТЕТОВСКО АРХИЕРЕЈСКО НАМЕСТНИШТВО
Биографии на манастири и цркви
Манастир Свети Атанасиј - Балтепе
Манастир Свети Атанасиј - Балтепе
 Манастир Свети Атанасиј - Балтепе Манастир Свети Атанасиј - Балтепе

Според историските извори, манастирот "Свети Атанасиј", на тврдината Кале, кој се издига на самото возвишение на Балтепе, претставува еден од најстарите култни христијански црковни споменици во овој дел од Македонија и Балканот. Потекнува од крајот на XIII век, од истиот период кога бил подигнат и манастирот "Успение на Пресвета Богородица" во месноста Плоча на Шар Планина. Подигањето на

црквата "Свети Атанасиј" на Кале е сврзано и за уште два други објекти посветени на истиот светител: во селото Џепчиште и познатиот манастир во селото Лешок. Она што се знае е дека сите три светилишта на трите локации кои на одреден начин се наоѓаат на еден потег Лешок-Џепчиште-Лавце, едновремено се градени и едновремено предадени на користење на православното население во 1240 година. Она што е зачувано од фреските, начинот на градбата и другите елементи релевантни за стручњаците само ја потврдуваат оваа вистина. Дел од тие истражувања можат да се најдат во трудовите на повеќе научници и патеписци: Р. Груиќ-"Полошко-тетовска епархија", Скопје 1933; Г. Елезовиќ-"Турски извори за нашата историја", Скопје 1922; М. Пурковиќ-"Попис на црквите во старата српска чаршија", Скопје 1938; Ѓ. Петров-"Материјали" како и А. Селишчев, Ј. Иванов, Ј. Васиљевиќ, Ј. Трифуновски и многу други.
За некогашниот манастир на Балтепе, денес како автентично сведоштво ја имаме црквата "Свети Атанасиј", а за манастирот "Успение на Пресвета Богородица" на Шар Планина кој неколкупати бил разоруван од Турците и Арнаутите и повторно возобновуван, имаме само еден текст од натписот кој стоел над влезната врата од манастирската црква, напишан веднаш по неговото обновување, во 1641 година, што го извршил владиката Никанор. Манастирот "Свети Атанасиј" го изградиле жителите на село Лавце со помош на феудалните господари од Тетово, кои учествувале со парични средства и со градежен материјал.
Во пишаните извори селото Лавце со манастирот "Свети Атанасиј" се споменува во 1321 година. Ова светилиште на Балтепе има многу богата и бурна историја. Во своето седумвековно постоење три пати бил разурнуван и опустошуван. Првото негово разурнување било извршено во 1512 година од страна на великиот везир Синан-паша кога биле разурнати голем број цркви и манастири во западна Македонија. Со овој антихристијански и антицивилизациски акт на османлиските власти најмногу настрадале манастирите во подножјето на Шар Планина.
Второто помасовно разорување на христијанските светилишта во полошкиот крај настанало, по австриското повлекување од Македонија, во периодот меѓу 1689 и 1692 година кога турските власти почнале да се одмаздуваат на македонското население кое се ангажирало на страната на Австријците и Карпошовите востаници. По повлекувањето на Пиколомини над 30.000 жители Македонци од полошкиот крај и од Скопско го напуштиле родното огниште и се населиле во земјите северно од реките Сава и Дунав, најмногу во Австрија. Тогаш настрадал и манастирот "Свети Атанасиј' заедно со сите други светилишта во Полошката котлина. Бидејќи Турците не дозволувале да се обноват разурнатите светилишта, манастирот "Свети Атанасиј" цели 40 години бил во урнатини. По 1732 година властите попуштиле, бидејќи народот почнал сe погласно да го изразува своето незадоволство против антихристијанската политика на Високата Порта и султанот. Конечно по 1737 година со посебно султанско ириде, на жителите од село Лавце им било дадено право да можат да го обноват манастирот.
Обновата траела нешто помалку од четири години, кога била изградена нова манастирска црква, која била подигната врз старите темели, потоа, нови конаци уште поголеми и поубави од старите и голема трпезарија во која можеле да се сместат над 300 гости. Обновата на ова древно христијанско светилиште, освен жителите на село Лавце ја помогнале и голем број дарители од полошкиот, кичевскиот и дебарскиот крај, па дури и жителите од градот Коњух (денешен Елбасан) во Средна Албанија.
Третото пустошење на манастирот било направено во 1838 година, кога делибашија на Тетовската каза дошол најстариот син на Реџеп-паша, Абдураман-паша, почнал да го обновува разурнатото тетовско кале, што било подигнато во времето на Самуиловото Царство. Целта му била да изгради тврдина, со која би се заштитил од околните феудалци, одметници од султанот кои ја посакувале неговата територија. Бидејќи во комплексот на калето се наоѓал и манастирот "Свети Атанасиј", Абдураман-паша решил ова древно христијанско светилиште да го отстрани од теренот. За таа цел ги собрал најзлогласните Арнаути-разбојници од пределот Река (денес Љума), Северна Албанија и го разурнал до темели. Меѓутоа кога Арнаутите се обиделе да ги откопаат и темелите од црквата се случило тоа од што најмногу се стравувало-одмазда од Севишниот Бог. Имено, "секој што ќе се обидел да копне во темелите од црквата во истиот момент паѓал мртов на земјата". Вчудовиден од тоа што се случувало, Абдураман-паша наредил никој да не и се доближува на локацијата од црквата, бидејќи секој допир со неа бил ризичен. Благодарејќи на тоа остатоците од разорената манастирска црква "Свети Атанасиј", по сила на приликите останале внатре во комплексот од тврдината како сведоштво кое долги години потсетувало на некогашниот стар и многу почитуван манастир.
Бидејќи пристапот до локацијата од црквата бил забранет, не само за муслиманите, туку и за христијаните, околното население многу години не можело да ги извршува своите верски потреби; да пали свеќи, да свети вода и да приложува дарови во чест на Свети Атанасиј.
Во таква положба разурнатата црква останала до крајот на 1912 година, до повлекувањето на Турците од Македонија. Тогаш поради стравот од Арнаутите, од Гего-мирдитските разбојнички банди кои и натаму продолжувале да дивеат во полошките села, на местото на старата била подигната мала импровизирана црквичка. Таа црква е изградена откако селаните на село Лавце го откупиле просторот на калето од наследниците на тетовските паши, а ктитор бил познатиот шивач Томо Геровски. Така по долги години христијаните продолжиле да го посетуваат ова древно светилиште, да го слават и да му принесуваат дарови на свети Атанасиј. Со цел да му се врати стариот изглед на ова култно место, во 1917 година на местото каде лежел стариот храм, од манастирот, била подигната нова црква, поголема и поубава која и денес постои. Во изградбата на црквата со свои финансиски средства како доброволни прилози учествувале христијаните од сите полошки села, потоа од Скопска Црна Гора, од Кичевско, Поречие, Мавровско и Дебарско.
Од пишаните извори, од грамотите и хрисовулите и од народната традиција дознаваме, дека во прво време комплексот на манастирот "Свети Атанасиј" на Балтепе го сочинувала само една мала црквичка и посебна висока камбанарија, од која во празничните денови звукот на камбаните одѕвонувал дури до пазувите на Сува Гора. Меѓутоа, подоцна по нејзините повремени возобновувања како последица на честите разурнувања, црквата постојано се проширувала, а биле градени и нови објекти: конаци и штали за манастирскиот добиток. По првото разурнување, во 1512 година, за првпат биле изградени конаци и оттогаш по секое возобновување тие постојано се проширувале, бидејќи сe повеќе растел бројот на поклониците, кои на патрониот ден доаѓале речиси од сите краишта на Македонија. Имено, во одделни историски периоди, кога манастирот функционирал со целата своја организација, бил еден од најпосетуваните светилишта во Македонија.
Денешната манастирска црква "Свети Атанасиј" на Балтепе, конечно е доизградена во 1922 година. Објектот е еднокорабна градба со димензии 5,25х11,10 м и висина од 4,75х1,60 м., со кота на слеме од 6,35 м. Градена е од кршен камен во продолжен малтер, со полуцилиндричен свод од внатре, со дрвена кровна конструкција со метален лим како покривач. Прозорците се дрвени, со профилирани украсни решетки. Во 1923 година е добиена катастарска тапија за "сопственост на црквата со авлијата" под број 366 од 28 февруари 1923 година, заверена и од тогашниот Првостепен суд во Тетово под број 3853 од мај 1923 година. Сегашните власти потврдуваат дека целиот тој простор со површина од 4 хектари, 42 ари и 7 метри квадратни (шума, овошна градина, верски објект и нива) припаѓа во сопственост на црквата "Свети Атанасиј". Музејот на тетовскиот крај со свој документ број 0301/79/1 од 6 април 1988 година потврдува дека наведениот простор "е предаден во трајно владение и користење на тетовското архијерејско намесништво на МПЦ."
Предавањето е извршено во втората половина на 1984 година, а како основна причина беше, што во катастарските операти имотот гласеше на МПЦ. Инаку црквата за време на двете светски војни повеќе пати била уривана и обновувана за да во поново време биде осветена од митрополитот Кирил во сослужение на голем број на свештеници и многуилјаден народ.
На иницијатива на манастирското настојателство при црквата со благослов на надлежниот архипастир како и на поголем дел и од православните верници, се дојде до идеја ова свето место да се обнови и заштити од натамошното уништување. Со благослов на неговото високопреосвштенство митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил, црквата "Свети Атанасиј" и целиот комплекс се преименувани во манастир "Свети Атанасиј"-Балтепе, Тетово. Со тоа му е вратена на ова свето место поранешната слава.
Во чест на 2000 години од христијанството се дојде до идеја да се постави крст на камбанаријата со нешто поголеми димензии од стариот, поради што започна и целосна реконструкција на манастирската црква. За да се заштитат фреските и иконите, да се обезбеди сигурност за право- славните верници, извршена е реконструкција на кровната конструкција на црквата, а поради дотраеност камбанаријата е сосема урнатаи на истите габарити е подигната нова. Нејзината висина од дното е 9,20 м, на која според сите православни обичаи треба да се постави крст висок 6 м.
Против реконструкцијата на црквата најнапред со свое реагирање се огласија некои политички албански партии од Тетово, со тврдење дека сето ова се прави на месност која духовно припаѓа на исламската култура. Со поставувањето на крст се врши директен атак врз чувствата на граѓаните од исламска вероисповед, како и притисок врз верските слободи на граѓаните. Тие уште предупредуваат на "несакани последици", за кои органите на општина Тетово нема да сносат никаква одговорност.
Во своето соопштение на конференцијата за печат, "ПДП ја предупредува актуелната влада да ги сопре активностите поврзани со изградбата на православни објекти и симболи во муслимански населени региони. Нагласуваме дека тендецијата за поставување крст, на Тетовското кале е класична провокација за да го прикаже Полог како православна регија. ПДП ќе ги употреби сите демократски средства за да го спречи овој чин." На истата конференција секретарот на оваа партија истакнува уште "ако е потребно, ПДП ќе го повика целото население да протестира против поставувањето крст, ако остане во опозиција, а ако биде во власта, крстот ќе го урне. Скопје е друго, а Тетово и Полог е друго".
На овие изјави реагираше митрополитот Полошко-кумановски господин Кирил кој истакна: Тоа светилиште постоело и ќе постои. Во меѓувреме било руинирано, кршени се прозорци, врати па дури и кровот. Моравме да преземеме мерки заради заштита. Камбанеријата се гради на истото место и со исти димензии. Ништо ново. Само се реставрира. На таа камбанарија постоеше крст кој неколку пати е кршен. Ја известувавме полицијата, а тие ни велеа дека не можат да ги откријат сторителите. Крст на светилиштето мора да има. Тој е симбол и знаме на нашата вера. Манастирот е подигнат во XIII век и за време на пет и пол вековното турско владеење, ова светилиште е рушено, но обновено во 1912 година.
Во одбрана на исламскиот фундаментализам се јави и Исламската заедница на која не и пречи крстот, но неговата големина. Според нив на Кале се гради гигантски нов објект чија висина заедно со крстот ќе изнесува повеќе од 30 м кој создавал немир кај муслиманите.
И не се знае до каде ќе нe одведеше сето ова, ако на 14 март 2001 година Тетово не беше нападнато од албанските терористи кои најпрвин го зазедоа тетовското кале, од каде што го напаѓаа градот Тетово. На 25 март 2001 година беше извршена силна офанзива врз терористичките упоришта на Кале, село Лавце, село Селце и останатите околни места каде имаше терористички упоришта. Со тоа беше ослободен овој регион, а со тоа и манастирскиот комплекс "Свети Атанасиј"-Балтепе. За жал, при овие борби настрада и манастирската црква "Свети Атанасиј", поради што се стопирани сите активности во врска со реконструкцијата на црквата.
Да се надеваме дека ова големо искушение на православните христијани набрзо ќе помине и повторно ќе можеме да го посетуваме ова големо православно христијанско светилиште. Имено, овој светител се слави два пати во годината на 31/18 јануари и на 15/2 мај кога се служи Света Божествена Литургија на која присуствуваат голем број на православни верници кои принесуваат многу дарови на црквата за здравје и спасение на своите најблиски.



Пребарување

Google
 
Барај во GOOGLE Барај во svetapetka.tripod.com

Поставањето на овој веб сајт е одобрено и благословено од
Неговото Високо Пресвештенство Митрополит Полошко-Кумановски Г-дин Кирил
Надзор врз содржината на овој веб сајт вршат:
Архиерејски наместник при Тетовското Архиерејско Наместништво
Протојереј-ставровфор Мирко Станковски
Парохиски свештеник на Сиричко-Раотинската Парохија Дарко Наумовски

 
   
Copyright©BJ-VBMacedonia 2004-2008.All rights reserved